Нови книги во издание на „Визија“ – Центарот за научна фантастика на Македонија
Центарот за научна фантастика на Македонија „Визија“ издаде три нови книги. Станува збор за првенецот на Марија Паунова – Мери со наслов “Песни“ како и за монографиите „Живот и дело“ на Ристо Николовски како и за „Амбасада Поети на Светот 2009 – 2013“ на Љубомир Михајловски и Љупчо Захариев.
Стихозбирката „Песни“ на Марија Паунова- Мери содржи колекција од 60 песни напишани на англиски и шпански јазик а наменети за музичка изведба како поп балади. Оваа книга всушност е првенец во издаваштвото на „Визија“ објавена на странски јазик поточно на англиски и шпански јазик. Со неа се воведува нова пракса во работата на Центарот со што се отвора перспектива за објавување книги на странски јазици кои што авторите ги владеат и им овозможуваат директен контакт со светската читачка публика.
– Тоа е еден од принципите на „Визија“ и на Амбасадата на Поети на Светот преку кои директно се поврзуваат авторите со светската сцена без бирократските уцени на македонското продуцентско подземје или надземје сеедно, рече претседателот на „Визија“, Љубомир Михајловски.
Во Монографијата за Ристо Николовски се отпечатени документи и фотографии преку кои се забележани заложбите на овој велешанец при основањето на македонската православна црква „Св. Кирил и Методиј“ и на македонското иселеничко друштво во Париз. Книгата ги содржи неговите напори за реализација на хумантарни акции за собирање медицинска и други видови помошти за Македонците во татковината како и организацијата на референдумот за самостојна Македонија но, и протестите во Брисел за грчките санкции против Македонија.
– Николовски претставува значаен лик во историјата на македонската современа историја кој за жал засега е оставен на маргините на животот во споредба со новите инстант патриоти кои сметаат дека имаат своја македонска историја што за жал не содржи вакви факти, додаде Михајловски.
Третата книга, исто така монографија, ги содржи документите и фотографиите од петгодишното постоење на Амбасадата Поети на Светот поточно пододдел на „Визија центар за научна фантастика на Македонија“. Активностите, во книгата, се подредени по години и документирани со автентични документи кои говорат за единствената организација во Македонија што преку поезијата на Љубомир Михајловски и Љупче Захариев, во изминатите пет години, остави траги на македонскиот јазик на сите пет континенти .
– Активностите, не беа потпомогнати од министерството за култура, другите државни институтции и локалната власт на Велес. Спротивно на ова, Амбасадата поети на Светот, беше попречувана до фаза на физичка елиминација како што беше забраната за просторно делување во Велес.Оваа книга е всушност документ за уште една одисеја на македонската културно опстојување во време на лажен македонски патриотизам, рече Михајловски.
Новите три книги можат да се најдат во Народната Универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје и во Центарот за научна фантастика во Велес./У.Ј