Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

Со претставите „Театар љубов моја“ и „Синиот портокал“, Театар „Џинот“ , на 28 и 29 јули, ќе настапи на 10-тото издание на Македонското културно лето во Мала Преспа, Албанија. Гостувањето е во организација на Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“.

„Театар, љубов моја“ од бугарскиот автор Валери Петров, во режија на Деан Дамјановски е претстава за четири актерки од четири различни генерации. Четири различни биографии и сензибилитети на сцената во една актерска „гримиорна“ – место каде актерите се шминкаат и преоблекуваат, но и место каде се раѓаат митовите и легендите за театарот. Драматург на претставата е Сашо Димоски, сценографијата е на Филип Коруновски, костимографијата на Раде Василев, а автор на музиката е Сашко Костов. Во претставата настапуваат актерките Зорица Панчиќ, Кица Ивковска, Кети Борисовска и Талија Настова.

„Синиот портокал“ од британскиот автор Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски е претстава за современата психијатрија, со застарени методи на лекување и беспомошноста на докторите да ги лекуваат своите пациенти без седативи. Драматург на претставата е Катерина Момева, сценографијата е на Филип Коруновски, а автор на музиката е Сашко Костов. Во претставата настапуваат актерите Фаик Мефаилоски, Самоил Стојановски и Жарко Спасовски.

Со претставата „Театар љубов моја“ Театар „Џинот“ досега настапи и во Центрите за култура во Радовиш и Македонска Каменица, како и на фестивалот Бит-Фест во Битола, додека пак претставата „Синиот портокал“ беше изведена во Центарот за култура во Радовиш, на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и на фестивалот „Скопско лето“./У.Ј

Поврзани вести

Најново