Актерите Зорица Панчиќ и Фаик Мефаилоски со награди во Мала Преспа
Двајцата актери, Панчиќ и Мефаиловски, ги освоија наградите за најдобра машка и женска улога на 10-тото издание на Македонското културно лето во Мала Преспа, Албанија. Театар „Џинот“ таму настапи на 28 и 29 јули со претставите „Театар љубов моја“ и „Синиот портокал“.
Актерката Зорица Панчиќ ја доби наградата за најдобра женска улога во претставата „Театар љубов моја“ од Валери Петров, во режија на Деан Дамјановски, во која настапуваат и актерките Кица Ивковска, Кети Борисовска и Талија Настова.
Актерот Фаик Мефаилоски е добитник на наградата за најдобра машка улога по прикажувањето на претставата „Синиот портокал“ од Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски, во која тој ја толкува улогата на Ерџан. Во претставата настапуваат и актерите Самоил Стојановски и Жарко Спасовски.
Претставите „Театар љубов моја“ и „Синиот портокал“ се најнови театарски продукции на Театар „Џинот“ – Велес од Годишната програма за 2017 година поддржана од Министерството за култура на Република Македонија./У.Ј