Колектив Ветерница со танцова претстава за деца во велешки театар
Колектив Ветерница со танцовата претстава „Ова не е сон“ во рамките на Новиот културен бран ќе се прикаже во сабота на 2 декември во театарот Јордан Хаџи Константинов – Џинот во Велес. Перформансот е резултат на работата во рамките на редовните часови по танцов театар со деца од 6 до 12 години.
„Ова не е сон“ е танцова приказна за виртуелниот свет во кој блиску се испреплетуваат возможното и невозможното, реалноста и илузијата, сонот и јавето, вистината и лагата, свесното и несвесното, чекањето и очекувањата, јас и ние, тие и вие и сите ние.
– Дојдете да се погледнеме со други очи, низ искреноста на децата и да се насмееме на нашата човечка несмасност. Низ процесот на работа храбро ги истражувавме границите на нашето заедничко создавање почитувајќи ја индивидуалноста како основата на здружувањето, но исто така и нашите капацитети и волја за негување на танцовиот театар, велат од Колектив Ветерница.
Изведбата е закажана со почеток во 18:00 часот.
Инаку, Колективот Ветерница активно работи во областа на театарот за деца и млади веќе 5 години притоа негувајќи ги принципите на самоодржливост, самоорганизација и хоризонтална структура и поставувајќи ја уметноста како есенцијална за правилен раст и развој на децата, но и на целото општество воопшто. /У.Ј