Велешки театар востанови награди за најдобрите актерка, актер и сценски работник
Велешкиот театар Јордан Хаџи Константинов Џинот од годинава за прв пат ќе наградува најдобар актер, актерка и сценски работник. Најдобрите вработени во театарот ќе бидат наградени за нивниот посебен ангажман во остварувањето на годишната програма на установата.
„Тоа значи дека за најдобри актер и актерка ќе бидат избрани оние кои одиграле најголем број на претстави во текот на годината и кои биле најангажирани за време на претставите и пробите. Тврдам дека и во иднина оваа награда ќе се доделува и на некој начин таа ќе биде стимул за работа и предизвик за вработените, рече Младен Крстевски, директор на велешки театар.
Најдобрите театарски работници ќе бидат наградени со статуетка, плакета и паричен износ. Ќе им бидат доделени в сабота на 23 декември, во чија чест, со почеток во 20 часот ќе се одигра претставата „Вдовицата се мажи“, работена по текст на Чехов а во режија на Младен Крстевски.
Речиси секоја вечер на големата и малата сцена на театарот Џинот се играат престави од репертоарот. Директорот Крстевски е оптимист и вели дека полека но сигурно се враќа сјајот на театарската уметност во градот и желбата на велешани да ги следат претставите. Тој додава дека нема да бидат заборавени ниту најмладите, за нив и во иднина ќе се подготвуваат детски претстави.
„Сакам да им ја честитам Новата година на моите сограѓани и да ги информирам дека во наредната 2018 година ги чека уште поголеми предизвици на сцените во велешкиот театар, рече Крстевски.
Во петок во 20 часот пак во велешки театар ќе се одигра претставата „Синиот портокал“. Тоа ќе биде хуманитарна изведба за поддршка на децата со аутизам./Д.С