Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

Десет жени, еден маж и еден травестит се ликовите што во најновата претстава на велешки театар „Јордан Х.К Џинот“ ќе се појават на сцената за да ја одиграат претставата „Тоалет за дами“ на современиот венецуелски драмски писател Родолфо Сантана. Приказната од приказни се гради навечер во еден женски тоалет на ноќен клуб и е силно асоцијативна со приказните кои се случуваат или раскажуваат во било кој тоалет во било кој ноќен клуб од секојдневието. На овој начин, театарската претстава станува згусната слика за светот на обичниот човек, своеволно „внесен“ во еден тоалет за дами.

-Ова е многу, многу динамична претстава со многу заплети, кои се одвиваат со голема брзина, така што публиката ќе биде приморана да го изостри вниманието. Внатре се мешаат повеќе чувства, од комедија, преку лични, тајни односи и имаме многу комплексен систем. Жените го користат тоалетот како дневна соба или соба за психотерапија. Се бавам со односите меѓу луѓето, порака не праќам, уметноста не одговара на прашања, слично како филозофијата , рече на прес конференцијата режисерот Дејан Дамјановски. 

Велешки театар оваа последна претстава од минатогодишната продукција ја подготви со сопствени средства.

- Јас би кажала дека уживав во подготовката на претставата и дека имаме одличен производ. Едно од чудата што се случи во претставата е дека режисерот преживеа со десет жени. Со мажите можеби и полесно му одеше Шегата на страна, мислам дека направивме многу интересна претстава и што е најважно направивме претстава во која ние уживаме што играме. Некогаш се случува да играш во претстава што не ти е баш толку легната. Овде уживаме и мислам дека тоа уживање ќе се пренесе на публиката и дека претставата ќе живее,ќе живее и ќе живее, рече актерката Зорица Панчиќ.

Таа игра лик на секретарка во Собрание чија колешка е ликот што ќе го толкува актерката Весна Димитровска Бобевска. Во претставата настапуваат и актерките Кица Ивковска, Ирена Илиевска, Кети Борисовска, Маја Љутков, Талија Настова, Марија Стефановска, Драгана Босниќ и Слободанка Чичевска. Машкиот лик го толкува Александар Велјановски а ликот на травестит актерот Васил Зафирчев.

Претставата ќе се игра на големата сцена на театарот на која е сместена и публиката. Затоа е ограничен бројот на сто присутни лица во публика, како што објасни режисерот Дамјановски за да биде поблизу до актерите. На овој начин всушност публиката ќе чувствува дека преку некој стаклен ѕид ги следи доживувањата на актерите.

Драматург на претставата „Тоалет за дами“ е Сашо Димоски, сценографијата ја подготви Филип Коруновски, костимографијата е на Катерина Чукниева а музички соработник Сашко Костов.

Премиерата на претставата е закажана во петок на 26 јануари со почеток во 20 часот. Поради ограничениот број гледачи првите три претстави се веќе распродадени./У.Ј

Поврзани вести

Web banner Hit Portal Sinalco IceTea 2018 300x250px 01

 

Најново