Афоризми на тројца афористичари од Велес објавени во Антологија издадена во Црна Гора
Избор од творештвото на велешаните Димитар Вилазорски, Атанас Крлевски и Живко Павлов објави познатиот екс југословенски афористичар Вељко Рајковиќ во Антологијата со наслов „ Здив на духот“ . Книгата е објавена во Црна Гора, поточно во Подгорица, каде што е роден и твори Рајковиќ. Во неа се објавени по десет афоризми на тројцата велешки автори како дел од творештвото на 16 македонски или вкупно 200 афористичари од просторите на поранешната држава Југославија.
– Чест за секој од нас е да биде застапен во антолошко дело. Се надевам дека колегата Рајковиќ увидел кои се најдобрите афористичари и одлучил да публикува дел од нивното творештво. Тоа што во книгата се застапени тројца велешани говори за потенцијалот што на ова поле го поседува нашиот роден град. Колегата направил само мал превид па Павлов го претставува како скопјанец што не е така. Ќе остварам контакт и ќе му дојавам дека Живко Павлов е роден велешанец исто како јас и колегата Крлевски, рече Димитар Вилазорски.
Антологијата „Здив на духот“ е отпечатена во 700 примероци и секој од афористичарите чии афоризми се објавени веќе добил по еден примерок./У.Ј