Шест децении творештво со 45 самостојна изложба, во Велес, одбележа академскиот сликар Ангел Петров
– Додека ги создавав сите овие мои уметнички дела јас бев во потрага по светлината, по животот што се раѓа, како едно мало дете кога доаѓа на овој свет, кога се раѓа. Што тоа новороденче бара? Ја бара светлината. Затоа ќе го препознаете лесно тој убав амбиент преку топлите насликани тонови кои го мамат човекот кој бара убавина. Додека јас творев луѓето беа поинакви, топли, чувствителни, во потрага по убавите нешта на овој свет. Сега некои други ветришта дуваат, ладно е. Нека оваа топлина ги предизвика моите сограѓани и сите вљубеници во уметноста да не се одродуваат и секогаш да ги бараат убавите нешта со кои ќе живеат, рече за Дума.мк академскиот сликар Ангел Петров на синоќешното свечено отворање на неговата 45 самостојна изложба, во родниот Велес, со која одбележа 6 децении творештво.
Градскиот Ликовен салон е преполн со негови дела кои говорат за душата на уметникот и неговата секојдневна потрага по светлината. Портрети, актови, пејсажи и велешка архитектура доминираат на прецизно селектираните слики од повеќе периоди на творештвото на академскиот сликар. Тие се само еден дел од неговото севкупно творештво насликано во изминатите шеесет години. Дел од нив ги обиколиле градовите на поранешната држава, Југославија а дел и не се во Велес затоа што се откупени од приватни колекционери. И повторно останале премногу за сите да бидат изложени кога авторот Петров, на осумдесет и пет години слави редок творечки јубилеј.
Нив веќе ги видоа голем број присутни сограѓани, колеги, пријатели, почитувачи или љубители на ликовната уметност, неговите поранешни ученици од годините кога тој беше нивниот професор по ликовна уметност во Гимназијата „Кочо Рацин“ како и Градоначалникот на општина Велес Аце Коцевски додека синоќа присуствуваа на свеченото отворање на изложбата. Сите имаа можност да слушнат дел од напишаните рецензии од страна на еминентни македонски критичари за творештвото на академскиот сликар што ги прочита внуката на Петров, Ангела Донева.
Таа на пијано ги презентираше и најомилените композиции од класичната музика на својот дедо кој е пасиониран вљубеник и беше одличен интерпретатор на голем дел од нив додека со восхит го слушаа неговите ученици и пријател. Ангела заедно со сопругата Светлана,синот и керката, му приредија незаборавна вечер на академскиот сликар Петров.
Академскиот сликар Ангел Петров е роден 1933 година во Велес. Од 1967 е член на ДЛУМ. Досега имал 44 самостојни и 200 групни изложби. Во наредните десет дена неговата јубилејна изложба во Ликовниот салон во Велес ќе можат да ја видат сите негови сограѓани кои се љубители на уметноста./У.Ј