Младински филмски фестивал „Џифони Македонија“ во Велес
Четириесет и осум години по ред во италијанското градче Џифони , во кое живеат четири илјади граѓани,а се наоѓа во близина на Неапол се одржува единствениот светски филмски фестивал за деца и млади. „Џифони фестивалот“ е посветен на филмови на теми кои ги засегаат токму децата и младите кој ги поттикнува на дебата, јасно соопштен став, дружење, пријателство, креативни и иновативни идеи. Тие имаат средби со светски познати актери и режсери со кои се дружат, им поставуваат прашања и добиваат автограм. Стекнувањето на искуството за дебатирање во дванаесетдневниот престој во Италија е главната цел. Покрај останатите 49 земји од пред десет години и Македонија е дел од мрежата на „Џифони фестивалот“. Тој се организира во месец октомври во Скопје.
– Во изминатите години и Македонија испраќаше учесници со тоа што од година во година бројот расне. Годинава ќе учествуваме со 12 деца и млади на возраст од 13 до 18 години и со двајца студенти кои ќе бидат вклучени на работилниците на италјански јазик. Од пред 3 години македонското издание на фестивалот патува и во помалите градови во државата, рече Дарко Башевски од „Џифони фестивал Македонија“.
Денеска и утре во Велес, ученици од основните и средни училшта, во салата Бели Мугри ги гледаат филмовите „Девојка во лет“ на италијанската режисерка Сандра Ванучи и „Малиот гангстер“ на холандските режисери Арне Тонен и Арнт Џек. Потоа со велешката млада актерка Талија Настова разговараат за темата на филмовите, се дружат и јадат пица.
– Целта е младите да го кажат својот став со млад модератор, без присуство на професори и возрасни, бидејки тие се кројачи на својата судбина и затоа треба да научат да донесат одлуки затоа што нивната и иднината на државата е во нив. Така младата генерација созрева и стекнува искуство за својата иднина. Има и едукативен елемент поточно преку креативни работилници ја развиваме креативноста кај младите. Пробаме да помогнеме и при носење на нивната конечна одлука што сакаат да учат и како да ја изберат својата идна професија, додаде Башевски.
Селекцијата кои деца, млади и студенти ќе учествуваат на фестивалот во Италија се прави преку пријава на веб страната на „Џифони фестивал Македонија“. Освен престојот во Италија особено интересно е што на веб страната на фестивалот, како новина, веќе има информации за повици и грантови за стипендирање на младите за студирање на факултети кои се значајни за развојот на филмската индустрија низ европските градови.
На фестивалот „Џифони“ во Италија доаѓаат многу познати имиња од џет сетот на филмот и музиката. Лански учесници биле Џоун Сноу од серијата „Игри на троновите“, Џулијан Мур, Брајан Крансон а пред нив и Ејми Адамс, Никола Скејџ, Ричард Гир. Со дел од нив слатки јаделе и разговарале и македонските учесници на фестивалот во Италија./У.Ј