Патувачка изложба „Секојдневниот живот на линијата на фронтот“ во библиотеката во Велес
Одбележувајќи ја 100 годишнината од воените дејствија на Македонскиот фронт, Асоцијацијата на наставници по историја на Македонија – АНИМ, ја подготви патувачката изложба „Секојдневниот живот на линијата на фронтот“ ставајќи акцент на секојдневниот живот на обичните луѓе – цивилното население, кое било зафатено во виорот на војната и без своја волја. Изложбата во Велес е поставена во Локалната библиотека „Гоце Делчев“.
– Оваа изложба во наредните денови ќе биде еден нем и во исто време гласен сведок за едно минато време, за време кое лично посакувам никогаш да не се повтори, за првото големо меѓучовечко лудило кое што завршило со ваков хорор што е прикажан на документите и фотографиите на десетте паноа што се дел од изложбата, рече Игор Крајчев директор на библиотеката “Гоце Делчев“.
Изложбата е составена од 10 паноа на кои се прикажани бројни текстуални и визуелни сведоштва од Македонскиот фронт и даваат извонредна слика за секојдневниот живот на линијата на фронтот.
– Како Асоцијација ни беше задоволство да ја изработиме оваа изложба но и долг бидејќи еден од потрагичните настани во македонската историја е овој настан кој што го одбележуваме кој се случил пред 100 години а го зафатил и градот Велес. Изложбата е со патувачки карактер и ме радува што ја имаме соработката со Општините и наставниците по историја во градовите како и граѓаните кои се публика и доаѓаат да ја разгледаат. Нашата намера е да се потсетиме на страдањата на граѓаните за време на Македонскиот фронт и во исто време да посакаме тие да не се повторат. Изложбата не ги толкува воените збиднувања туку е насочена кон обичниот граѓанин кој за жал во традиционалната воена и политичка историја, која со години се изучува, скоро и да не се споменува, рече претседателот на Асоцијацијата Мире Младеновски.
Во реализацијата на изложбата се вклучени и учениците од СОУ „Кооле Неделковски“ . Тие ги запознаваат посетителите на изложбата со прикажаниот материјал на паноата.
Ученикот од Илија Димов во УСО„Коле Неделковски“ ја раскажа приказната од првото поставено пано на изложбата за загинатите странски војници на Македонскиот фронт кои немаат спомен обележје во Македонија додека ученичката Тамара Андова на УСО „Коле Неделковски“ ја раскажува приказната за маките и страдањата на македонскиот народ на линијата на фронтот кој останале без своите огништа и станале бегалци. Тие се само двајца од вкупно десетте ученици на ова средно училиште подготвени да појаснат што всушност прикажува изложбата.
Изложбата ја подготвија наставниците по историја Мире Младеновски, Иљо Трајковски, Љупка Христова, Валентина Стаменковик и Ирена Младеновска сите членови на АНИМ.
Професорот Иљо Трајковски е прогласен за Витез на академски достигнувања на Република Франција поради неколкугодишните истражувања посветени на Македонскиот и Францускиот фронт со колеги од Франција и од Македонија, со македонската Асоцијација на наставници по историја и Европското здружение на наставници по историја.
Велешани ќе можат до петок, 14 декември, да ја разгледаат изложбата која е поставена во Медиотеката на локалната библиотека „Гоце Делчев“./У.Ј