Нови изданија на Стрип центарот на Македонија
Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес го продолжува континуитетот на стрип изданија на македонски јазик. Издадени се стрип книгите „ ХАВАНА САД“ од Гани Јакупи од Косово , „РЕКВИЈЕМ“ од авторите Марко Стојановиќ, Марко Николиќ и Дејан Ненадов од Србија како и „1990-1999 ВИЗУЕЛНА ХРОНИКА НА МАКЕДОНСКИОТ СТРИП“ од Александар Стеванов , од Штип.
Првоспоменатите се македонски изданија на стрип книги издадени врз основа на богатата интернационална соработка што Стрип центарот од Велес ја реализира долги низа години.
Книгата „1990 -1999 ВИЗУЕЛНА ХРОНИКА НА МАКЕДОНСКИОТ СТРИП “ претставува успешен обид на младиот, но веќе докажан македонски стрип сценарист и хроничар, Александар Стеванов да го афирмира и систематизира тешко видливиот, но реален континуитет на деветата уметност во нашата држава. Периодот што е обработуван започнува со осамостојувањето на Република Македонија кога во нашата држава веќе не се дистрибуираат изданија на српски јазик.
Освен споменатите стрип книги , од печат излезе и ревијата „СТРИП КРЕАТОР “ бр 29 и 30. Ревијаата е единствено македонско стрип издание во кое, освен подобрите стрипови од традиционалниот Интернационален стрип салон , заслужен простор добиваат и македонски автори од разни генерации како што се Миле Топуз, Александар Стеванов, Тоде Блажевски, Јана Илиевска, Васко Гаврилов, Ана Марија Стеваноска, Јана Бутеска.
Издавачот укажува дека до сега не се издадени планираните стрип книги „Итар Пејо“ – 3 дел, од Диме Иванов – Димано и „Кирил и Методи“ од Миле Топуз. Двајцата автори се македонски стрип доајени. Причина за тоа се недоволните средства од страна на Министерството за култура. Доделената сума на средства не ги покрива ниту елементарните трошоци за печатење на што е укажано со поднесени жалби од страна на издавачот кој се надева дека во интерес на развојот на македонската стрип култура ќе биде разбран од министерството.