Две значајни награди за творештвото на поетот Игор Крајчев
На меѓународната конференција „Петар Канавелич и Корчула“ која кон крајот на мај, годинава, се одржа на островот Корчула, Република Хрватска, учествуваше и македонскиот автор Игор Крајчев, со научно-книжевно излагање на тема „Петар Канавелич и Јордан Хаџи Константинов Џинот“. Покрај излагањето, Крајчев ја имаше и првата промоција на својата нова поетска книга „21“, на македонски и англиски јазик.
Најзначаен дел на конференција беше традиционалното доделување на значајната меѓународна награда „Петар Канавелич“. Престижната награда ја доделува Хрватското книжевно друштво, токму на оваа манифестација и досега ја добиле значајни книжевни дејци од многу земји.
Годинава, Хрватското книжевно друштво престижната награда му ја додели на Игор Крајчев за книжевни и научни достигнувања.
Исто така, за книгата со наслов „21“ Крајчев е добитник и на престижнатата награда „Јован Котески“ за нова необјавена поетска книга на Струшките книжевни средби.
– Среќен сум што добивам признанија од книжевната фела, иако наградите не се мојот приоритет затоа што сметам дека моето творештво не е заокружено и дека имам уште многу што да кажам и да придонесам за современата македонска книжевност. Секако тоа не значи дека истите не ми значат, туку дека ги прифаќам како своевиден патоказ дека се наоѓам на вистинскиот пат и се поттик за уште понапорна работа и уште нови дела, рече Крајчев./У.Ј