57Рацинови средби – „Кочо Солев Рацин е голем поет и вистински трибун на својот народ“
26.09.2020
Едноставната но авангардна поетика на најзнаменитиот велешанец, најталентираниот и најзначајниот македонски поет по 57 пат во неговиот роден град ги собра поетите од државата и од странство како и неговите сограѓани и почитувачи на ликот, делото на Кочо Рацин на манифестацијата „Рацинови средби“.
-Добре дојдовте во градот на грандиозниот поет, на еден од основоположниците на современата македонска литература за кого великанот Блаже конески напишал: „Тешко ние можеме да најдеме во нашата културна историја друга толку монолитна личност како Рацина што на еден творечки начин гради мостови помеѓу минатото и иднината и кој знае на здрави основи да создава културна традиција“. Затоа нему големиот поет Анте Поповски му ги посвети следниве мудри мисли:„ Јазикот, зборот значи вистинското родно место на поетот. На Рацин му беше совршено јасно дека туѓиот јазик, туѓите зборови, македонските вистини и идеи ги прават не македонски. Затоа велам дека Рацин на македонската мисла и става печат на творечка сигурност и одлучност. Рацин е израснат од македонското стебло на народната традиција во прапочеток на македонската книжевна модерна поточно, не само во голем поет туку во вистински трибун на својот народ додека гласот му беше како и животот, засипнат, со многу сон и скрб и чест во него а крилјата на гигант некогаш да му пречат во одот“, рече градоначалникот на Велес, Аце Коцевски пред да ја прогласи за отворена годинешната меѓународна културна манифестација.
Тој исто така потсети на големото значење на безвременскиот Коста Солев Рацин и на неговата стихозбирка „Бели Мугри“ издадена во ноември 1939 година во Самобор, Хрватска што е преведена на сите светски јазици.
На сцената во амфитеатарот во Младинскиот парк во Велес, синоќа, традиционалната „Беседа за Рацин“ ја одржа проф. д-р Васил Тоциновски, кој потенцира дека во животот ниту еден миг не е ист со друг, затоа што поминува брзо и никогаш не се повторува што оттука како естетско ја чува големината на човечкото дело како трајна вреност.
-Многу нешта во животот остануваат едни и единствени, во најубавата смисла на животот недостижни. Таков си остнал и втемелувачот на современата македонска литература Кочо Рацин, меѓу неговите два брега и две стрмнини. Недофатлив во сите значења и димензии на неговите хоризонтали и вертикали. Нема таков, друг пример, во македонската практика каков што е Рациновиот кому му се посветени небројани страници. Во тој фонд се неколку десетици монографски трудови чиј потписници се бележити домашни и странски автори. И уште по толку десетици помножено, неговата библиотека ја разубавуваат посебни зборници меѓу кои особено место имаат оние од научните собири на традиционалните „Рацинови средби“.
Тоциновски додаде дека свој придонес за Рацин дале и многу ликовни уметници и на тој начин ја создале неговата ликовна биографија а неговиот моќен лик зрачел и значел низ медиумите, радиото, филмот и телевизијата додека голем број од неговите моќни стихови станале подлога за врвни музички дела.
-Не затоа што е природен автор македонскиот народ на изуст ги знае неговите стихови. Секојдневно се потсетува на нив. Ги гласноговори како утеха и помош. Неа ја имаме како чест и достоинство од не пореклив аргумент за неможноста да се совладаат двата брега и двете стрмнини насобрани во животните врвици на великиот Рацин“, додаде Тоциновски.
На синоќешниот Поетски митинг учество земаа македонски поети и гости од соседна Србија и Бугарија, а онлајн настап на видео бимот со свои стохови имаа поети од повеќе земји во светот како Италија, Јапонија, Аргентина, Индија и други.
Првата вечер од 57-мите „Рацинови средби“ ја затворија членовите на групата „Синтезис“, со целовечерен концерт./У.Ј