Претставата „Тројанки“ на Драмски театар од Западен Казахстан ја доби Гран При наградата на петнаесетиот Фестивал на античка драма „Стоби“. Режисерот на претставата Куандик Касимов е добитник на наградата за најдобра режија и актерката Бибигул Исалиева, која во претставата „Тројанки“ го игра ликот на Хекуба е добитник на наградата за најдобра женска улога.

Дваесет и шест дела со мотиви на дамнешни и помалку заборавени предмети што биле нераскинлив дел од македонската куќа и три портрети со ликот на Свети Стефан ја сочинуваат етно приказната на академскиот сликар Драги Хаџи Николов Аџи што љубителите на сликарската уметност можат да ја погледнат во Ликовниот салон во Велес. Тој е уметник со специфичен уметнички ракопис, рекоа на отворањето на изложбата, негови колеги. Сликарството на овој уметник, родум од Гевгелија, преставува потрага по совршенството на народните умотворби и ракотворби. Уметникот создал творештво во кое го открива нашиот бит како неразлично единство на народно ракотворната сакрална уметност.

„Добрата надеж“ е насловот на најновата премиера на велешкиот театар Јордан Хаџи Константинов Џинот, од авторот Херман Хеијерманс, во режија на Александар Ивановски. Станува збор за приказна за едно рибарско село и за односите меѓу сиромашните рибари и богатите бродосопственици. Во претставата се отсликува животот на оние кои што работат и нивните работодавачи како и големите класни разлики помеѓу нив.

Стрип центарот на Македонија – Велес објави дека претставници на Рашката школа за стрип од соседна Србија бидат првите специјалните гости кои ќе учествуваат на годинашниот интернационален стрип салон „Велес 2016“ што ќе се одржи кон средината на октомври.

Делата на Бах, Бетовен, Шопен, Рахмањинов и Зографски ги изведе пред велешани пијанистот Петре Штерјов. Солистичкиот концерт се одржа во просториите на детската градинка „Димче Мирчев“. Љубителите на класичната музика еден час уживаа во концертирањето на својот сограѓанин. На несекојдневниот настан во градот присуствуваше и сопругата на македонскиот композитор Томислав Зографски, Панда Зографска Беличанец.

Фотографии од кавадаречката чаршија во минатото и денес кои говорат за нејзиниот  раст и развој низ годините од  денеска станаа достапни за кавадарчани.  На 40 паноа се сместени околу 160 фотографии. Автори на изложбата се Петре Камчевски, директор на Музеј Галерија Кавадарци и Димитар Мурџев, новинар и портпарол на општина Кавадарци.

Поврзани вести

 

Најново