Од реонот на Азот годинава набрани над сто тони печурки
Жителите од реонот на Азот се офајдија од печурки годинава. Заработија од седум до десет илјади евра. Берењето и продажбата на печурките, за жителите од Теово, Согле, Бистрица, Богомила, Ореовдол, Мокрени, Габровник, Ореше, Црешнево и Нежилово, стана профитабилна дејност. И не само за нив, од печурките заработија и граѓаните кои одамна ги напуштиле овие села, па во екот на бербата се вратиле и цело лето го собирале родот.
Над илјада жители до сега собраа и продадоа над сто тони печурки од кои најмногу од сортите врган, лисичарка и јајчарка. Килограм свежи печурки откупувачите им ги плаќале по цена од 150 до 200 денари, додека еден килограм суви печурки го откупувале по 1.500 денари.
– Годинава собрав десет тони печурки и заработив околу десет илјади евра. Днево собиравме и по 200 до 300 килограми. Единствен извор за егзистенција ни се печурките кои годинава ги имаше многу. Добро е што имаше откупувачи и што Шумското стопанство Бабуна навреме ни даде дозволи за собирање на шумски плодови, рече берач на печурки од Согле.
Со цел да не бидат набрани отровни печурки и годинава во општина Чашка се одржа неколкудневна обука. Стручни лица од Скопје со примери им покажале на заинтересираните граѓани кои печурки се за јадење а кои се отровни.
Шумите во реонот на Азот, покрај печурки се богати и со други шумски плодови како што се боровинки, малини, капини и разни видови на тревки за лекови и чаеви.
Стоилко Андреевски