Градоначалникот Стојановски: Резултати се постигнуваат со домаќинско, посветено, транспарентно и отчетно работење
Од финансиски презадолжена до општина која за 10 месеци успеа да врати долг од над 12 милиони денари и да ги одблокира банкарските сметки. Тоа е најголемиот резултат што Градоначалникот Горан Стојановски го потенцираше во обраќањето на денешната свечената седница на Советот на Општина Чашка која го одбележа денот на општината.
– Само со домаќинско и посветено работење можат да се постигнат резултати. И досега а и во иднина ќе се борам за отчетно и транспарентно работење како и за почитување на основните човекови права и слободи затоа што тоа се темелни вредности на кои се заснова демократијата во Република Македонија а и на ЕУ кон која се стремиме, рече Стојановски.
Градоначалникот и неговиот тим во општината излезот од затекнатата лоша материјална состојба го пронашле во изработката на проекти и обезбедување на финансиски средства од странски донатори, од Владата, од минситерствата и домашните Агенции.
Така во изминатите 10 месеци преку проекти општината ја обезбедила реконструкцијата на седум километри долгиот пат помеѓу селата Богомила и Согле што го користат и жителите на Теово, за изградбата на водоводен систем во село Горно Јаболчиште дополнителни 240 илјади евра од Европската инвестициона банка и од Министерството за транспорт и врски, покрај претходно обезбедените 250 илјади евра од ИПА програмата и од Светска банка. Проектот е доведен до фаза на тендерска постапка исто како и проектот за нов мост што ќе се гради до Ѕидан мост во Богомила кој во иднина ќе биде само пешачи и ке се користи како туристичка атракција.
Освен посветеноста кон зачувување на културно историското и архитектонско наследство општината води грижа и за здравата животна средина, рече Стојановски и го издвои проектот за редовно чистење на речното корито на река Тополка, од село Горно Јаболчиште до село Долно Јаболчиште, за што преку УНДП се обезбедени 2 милони денари. Исто така селата Оморани и Богомила ќе добијат фекална канализација која чини 325 илјади евра обезбедени од Европската инвестициона банка.
– Во населеното место Извор општината помогната од приватна фирма отвора Младински клуб додека со финансиска помош од 450 илјади денари, од Министерството за труд и социјална политика, клуб ќе добијат и старите жители на селото. Жителите на Чашка освен градинка и истурени канцеларии на Катастарот и на Министерството за труд и социјална работа,до крајот на годината, ќе добијат и спортска сала. Започната е нејзината изградба во дворот на основното училиште „Тодор Јанев“, рече Стојановски
Општина Чашка добила возило од Агенцијата за одземен имот додека од сопствен буџет набави возило за организиран начин на собирање комуналниот отпад од населените места во Чашка, особено од селата Горно и Долно Јаболчиште, Горно Врановци и Лисиче и триесеттина контејнери во вредност од 4 милиони и 155 илјади денари. /У.Ј