Доколку има интерес од приватните лекари и стоматолози, општина Чашка, е сериозно заинтересирана да ја стави во функција амбулантата во Извор
На територијата на општина Чашка, од претходниот систем на покриеност на жителите со здравстени услуги, останаа неколку објекти што до ден денеска зјаат празни. Најголема од нив е зградата во село Извор и се наоѓа на атрактивна локација, сред село. Во неа денеска нема лекари, медицински сестри ниту стоматолози. Медицинските екипи на јавното здравство се одамна повлечени но, на нивно место досега не дојдоа колеги од приватното, заинтересирани да ги земат под концесија и на тој начин да го покријат јужниот дел од општината.Така освен за 400 жители на село Извор со здравствени услуги ќе можат да се покријат и жителите на селата Стари Град, Мартолци, Оморани, Владиловци, Смиловци, Крајници и останатите.
Општината ги нуди здравствените објекти на заинтересирани лекари.
-Генерално овој проблем има државен карактер затоа што во изминатите години многу малку се инвестирало во здравството. Факт е дека во село Извор има прекрасен објект со амбуланти. Истиот проблем го имаме и во Богомила. Тоа се големи села и со соседните треба да претставуваат предизвик за лекарите од општа пракса или за стоматолозите. Јавно апелирам доколку има заинтересирани лекари да се јават за да помогнеме ако затреба во постапката но да обезбедиме здравствена заштита и за овие граѓани, рече градоначалникот на Чашка Горан Стојановски.
И додека во овој јужен дел на општината жителите во итни случаи помош бараат од болницата за белодробни заболувања во Јасеново во Богомила таква можност не постои . Ова село е оддалечено 50 км од Велес или триесеттина од населбата Чашка каде има матичен лекар. Освен со здравствени услуги жителите на селата во општината се хендикепирани и со набавка на лекови. Ниту фармацевтите се заинтересирани за отворање на аптеки.
– До сега жителите не побарале отворање на аптека но, се надеваме дека во наредниот период доколку постои интерес да започнеме разговори со поголемите фармациски компании и на тој начин да видиме дали можеме да отвориме аптеки на подрачјето на општината, додаде Стојановски.
Општина Чашка се наоѓа во средишниот дел на Македонија. Зафаќа површина од 825 км² и се вбројува во трите најголеми општини по територија во државата. Според пописот во 2002 година, во неа живеат 7.673 жители./У.Ј