(ФОТО) Сто и педесет планинари учествуваа на традиционалниот планинарски марш – Февруарски поход 2020“
Традиционално по деветти пат, се одржа планинарскиот марш „Февруарски поход 2020“, годинава пропратен со активности со кои организаторот, СПД „Зелен рај“ од Велес одбележа петнаесет годишен јубилеј.
Временските услови, сончево време и високи температури, за овој период на годината, придонесоа во традиционалниот марш да учествуваат над 150 планинари од повеќе планинарски клубови во Македонија и тоа од Велес, Скопје, Кумановао, Битола, Прилеп, Штип и Тетово. Планинарите учесници во маршот испешачија околу 15 километри по одлично маркирана патека.
Маршот, што се одржа во саботата на 22 февруари, започна од железничката станица во село Гостиражни и преку патеките до планинарскиот дом на ПД „Китка“ од Скопје во село Стровија, превојот над богомилскиот тунел до село Богомила стигнаа во село Богомила. Таму планинарите беа пречекани во Рекреативно-пензионерскиот дом од страна на претседателот на СПД „Зелен рај„ Зоран Игновски, кој ги поздрави и ги покани на зеднички ручек-традиционално планинарско гравче, а потоа им додели благодарници за учество во маршот.
-Учеството на вакви манифестации е симбол на единство, сплотеност со природата ,одвикнување од лошите пороци на денешницата и продолжување на традицијата. Посветеноста на СПД „Зелен рај“ и добрата организација придонесе овој марш да го привлече вниманието на многу голем број на учесници од најразлична возраст, од искусни планинари, од почетници, до обични вљубеници во природата со што оваа манифестација се вброи во успешните планинарски приказни во Македонија. Со планинарски поздрав, се гледаме на „Февруарски поход 2021“, рече претседателот Игновски.
Главен поддржувач на манифестацијата е Општина Чашка додека поддржувачи се граѓански здруженија и фирми. Со планинарски поздрав, се гледаме на „Февруарски поход 2021“./У.Ј