(ВИДЕО) Бешовски: Општина Градско по 24 пат го одбележа денот на општината и за прв пат без долгови и со одблокирани сметки
17.12.2020
Во своето обраќање на свечената Седница по повод 16 декември – Ден на Општина Градско, Градоначалникот Роберт Бешовски на своите сограѓани им соопшти дека нивната општина веќе нема долгови и сметките се одблокирани.
Велејќи дека тоа е уште поголем мотив за посигурно чекорење, затоа што локалната власт е уверена дека е на вистинскиот пат, Градоначалникот ги соопшти резултатите што се состојат од реконструиран локалниот пат Градско – село Долно Чичево, изградени улици „Цар Самоил“ во село Виничани, улицата „Александар Македонски“ крак во Градско, улица бр.1 во село Кочилари и улицата бр.1 во село Подлес, поставена урбана опрема на Подлешко езеро, енергетски ефикасен општински објект, зграда на општината, со променета дограмата, исто како и во амбулантата во село Виничани и во дел од училиштето во Градско.
-И сето тоа го реализиравме, покрај сите пречки и вонредни состојби,како и поставувањето на канализациона мрежа во населбата Стопанство, проект вреден 70.000 евра кој ги реши проблемите, наталожени 70 години од постоењето на населбата. Во 2021 ќе продолжиме и ќе започнеме токму од оваа населба со изградба на улицата „Јане Сандански“. Ќе го подобриме и водоснабдувањето преку втора фаза во Градско со проект чија реализација е предвидена во најскоро време за неколку месеци со помош на средствата одобрени од Европската инвестициона банка со посредство на Министерството за транспорт и врски во вредност од 220.000 евра. Ќе бидат изградени два цевководи, втор нов бунар со издашност од 10 литра и реконструкција на стариот резервоар од 150 кубика. Новата населба, наречена Палестина и селото Уланци ќе добиваат вода преку резервоарот во Градско. Во Градско ќе се асфалтира улицата „Панко Брашнаров“ и ќе се отпочне конечно со реконструкција на улицата „Илинденска“ почнувајќи од централното подрачје и зафатот за атмосферската вода. Во село Виничани дел од улицата Кочо Рацин, улица бр.3 за населба Лаките, ревитализација на локалниот пат почнувајќи од регионалниот пат до влезот на селото и реконструкција на стариот локален пат сега земјоделски пристапен пат ќе биде наш приоритет. На жителите на селото Ногаевци ќе им овозможиме подобрена патна инфраструктура со изградба на улицата бр.1, а селото Кочилари ќе добие современ лик со изградба и на улицата бр.2. За овие улици се веќе обезбедени средства за релизација од Владата, додаде Бешовски.
Градоначалникот како многу значаен го оцени проектот за реконструкција на магистралната улица „Александар Македонски“, од винарија „Стоби“ до мотел „Стоби“, кој освен реконструкција на коловозот предвидува и изградба на тротоари, велосипедска патека, осветлување со економични светилки и опремување со потребна пропратна урбана опрема. Капитален проект за кој што општината ќе има потреба од повеќе средства, од првично одобрените 1 милион денари од Владата, е изградбата на мостот на река Вардар кај село Уланци.
-Извесно е дека ќе доградиме уште две училници во училишната зграда во село Виничани за да може наставата да се одвива едносменски и со тоа да се заштедат значителни материјални средства. Планирано е да се сменат фасадите со подрачното училиште во селата Кочилари и Ногаевци и да се уреди училишниот двор во истото. Во централно училиште во Градско ќе извршиме комплетно внатрешно реновирање и уредување, во сите подрачни училишта ќе се сменат училишните клупи, за подобрување на условите на образовниот процес. Секако дека тековно го збогатуваме библиотекарниот фонд и ги набавуваме потребните нагледни средства, рече Бешовски.
Општината во 2021 година во соработка со Иницијативен одбор и Повардарската епархија ќе ја гради Соборна црква „Св. Апостол Павле“, ќе го доработи планот за новите гробишта и со обезбедени средства во висина од 6 милиони денари, преку Вардарски плански регион и Бирото за регионален развој, како и 600.000 денари од буџетот на општината ќе го гради патот за манастирот „Св.Архангел Михаил“ во должина од еден километар. Најголемата капитална инвестиција на Општина Градско се двете биогасни централи кој ќе се градат наредната година, првата во Градско во вредност од 15 милиони евра со моќност од 3 мегавати и втората во атарот на Долно Чичево во вредност од 8 милиони евра со моќност од 2 мегавати. На територијата на Општината во изградба е и бензиска пумпа пред новата патарина кај село Виничани во превец Велес – Градско.
Убавка Јаневска