СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни обвинувања
Таблата на месниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во селото Сопот на вториот кат од селската амбуланта ги раскара ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Опозицијата обвини дека не е дозволено партиски штаб да биде лоциран во јавна институција. Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека вториот кат од амбулантата бил издаден под наем и истата ја поставило приватно лице.
„Ако СДСМ некогаш се одважи и дојде во селото Сопот, не за сликање, туку да поразговара со жителите ќе дознае дека во истата зграда над амбулантата живеат кираџии, а што тие ставаат на сопствените тераси не е предмет на интерес ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на очајниот СДСМ“ рече портаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Андон Лазров.
На ваквиот одговор повторно реагираа од ОО на СДСМ Кавадарци. Портпаролот Сашко Петров рече дека ВМРО-ДПМНЕ било злосторничко здружение, кое немало никаков етички, морален и политички интегритет.
„ВМРО се грижи само за интересите на нивните највисоки партиски функционери, кои за овие десет години станаа најголеми богаташи и моќници. За вас граѓаните не се интересираат, вам граѓаните ви служат како материјал и топовско месо за манипулирање со изборни цели“ рече портпаролот на ОО на СДСМ, Сашко Петров.
Тој обвини дека боите на таблите со кои се означувале институциите биле исти со боите на таблите за означување на месните комитети на ВМРО-ДПМНЕ и дека немале храброст да признаат дека сепак во вториот кат од амбулантата, сепак имало местен комитет.
„Тоа е безобразие и користење на позицијата на власт за претставување на партиските обележја на јавни институции со цел манипулирање со свеста на граѓаните, дека ВМРО е нешто огромно, нешто моќно и нешто кое го има насекаде“ додаде Петров.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека секогаш биле меѓу жителите на Сопот и ги знаеле нивните проблеми. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ реализирала бројни проекти за доброто на граѓаните.
Во јавното препукување за тоа кој што направил, Петров од СДСМ праша, што е тоа што ВМРО-ДПМНЕ го направил за Сопот во изминативе десет години власт.
„Ние од СДСМ во текот на оваа година поднесовме најмалку 4 амандмана во советот, за изградба на детска градинка, спортско игралиште, смена на збесните цевки, реконструкција на домот на културата“ рече Петров и го праша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Лазаров, со кој образ зборувал за намалување на невработеноста кога и самиот тој бил невработен./A.Д