Изгоре поткровје од куќа во Ваташа
Благодарение на брзата интервенција на пожарникарите избегнат e поголем пожар во селото Ваташа. Според информациите од командирот на територијалната противпожарна единица Кавадарци, Илчо Богевски, пламените јазици целосно оштетиле поткровје од куќа на улицата „Страшо Пинџур“ во Ваташа, наспроти амбулантата.
„Интервениравме веднаш откако беше пријавен пожарот со две наши возила и тројца пожарникари. На помош пристигнаа и противпожарните возила на „Фени индустри„ со 2 пожарникари и на „Кожувчанка„ исто така со двајца пожарникари“ рече Богевски.
Тој нагласи дека пожарот е навреме локализиран и не е дозволено пламените јазици да се прошират на останатиот дел од куќата, но и на соседните објекти. Се утврдуваат причините за пожарот, а се прават и проценки за направената материјална штета./A.Д