Работодавците се едуцираат за заштита и безбедност при работа
Во организација на Македонското здружение за заштита при работа и подрачната канцеларија на државниот трудов инспекторат од вчера во Михајлово започна тридневен регионален семинар.
Претставници на поголемите компании од областа на земјоделството и индустријата се едуцираа за мерките и законските прописи за безбедност и здравје при работа.
„За прв пат заедно со поддршка на канцеларијата на Државниот трудов инспекторат Кавадарци и Неготино го организираме овој регионален семинар на теми кои што се однесуваат на законските одредби во однос на безбедноста и здравјето при работа во земјоделството, поточно лозарството и овоштарството како и во индустриските гранки. Учествуваат претставници на компании од Кавадарци и Неготино, од битолскиот и скопскиот регион. Тоа се претежно поголемите компании кои се грижат за безбедноста и здравјето при работа во овој регион и кои секогаш се желни да се едуцираат и надградуваат и тоа да го применат во своите работни средини “ рече Славица Јанкова , проект координатор од Македонското здружение за заштита при работа.
Статистиката покажува дека во последните години се намалуваат повредите на работниците, а како причина се наведува зголемениот интерес на компаниите за едукација на вработените во делот на безбедноста при извршувањето на работните задачи.
„Ние како здружение се трудиме да ги следиме работодавачите и вработените и сите останати институции кои се вклучуваат. Не можеме да кажеме дека работодавачите не совесно се однесуваат и не ги имплементираат мерките за заштита и безбедност, некогаш тоа произлегува од совеста, познавањето и капацитетот на вработените“ додаде Јанкова.
Подршка во организацијата на овој тридневен регионален семинар дава и подрачната канцеларија на Државниот инспекторат за труд во Кавадарци. Мико Василов – државен инспектор за труд
„Целната група е земјоделско овоштарскиот дел и индустријата. Се говори за безбедноста при работа во овоштарството и лозарството, потоа за индустријата. Ќе предаваме за личната заштитна опрема и работните одела кои им се потребни на вработените согласно законот. На семинарот ќе се говори и за тоа што се е потребно орудијата се во исправна состојба и правилно означени согласно законот за безбедност и здравје при работа. Ќе се осврнеме и на микро климатските услови во работната средина, физичка и хемиска штетност во работната средина“ рече инспекторот по труд, Мико Василов.
Aнгел Данов