Се фрлаше со боја и јајца на општинската зграда во Кавадарци
По петти пат, кавадарчани кои ја поддржуваат „Шарената револуција“, вечерва излегоа на протест. Кажаа „не“ за избори на 5 Јуни, побараа повлекување на аболицијата, оставка од претседателот Иванов, прочистување на избирачкиот список, непречена работа на СЈО и затвор за сите кои што се огрешиле кон законот. Балони со боја се фрлаа на општинската зграда. Се поставија импровизирани споменици на Никола Груевски и Ѓорѓе Иванов, на кои исто така се фрлаше со боја и јајца.
Протестот започна од новиот центар на Кавадарци, се маршираше по улица „Илинденска“, се извикуваше „нема правда нема мир“, „Шутка не ти бега Никола“. Протестантите стигнаа на градскиот плоштад, каде пред присутните имаше обраќање на двајца граѓански активисти.
„Генерално барањата се исти, но ситуацијата се усложнува, еве сега Груевски со таа негова тесна олигархија сакаат да одат на еднопартиски избори, практично, бидејќи поставија само една листа. Со тоа ситуацијата се усложнува а не се решава. Барањата се исти, да има прочистен избирачки список, СЈО да си продолжи со работата и да се укине аболицијата. Протестите ќе продолжат, протестите нема да запрат бидејќи тие цело време се во некоја насилничка кампања која нема да и донесе ништо добро на Република Македонија.“ – рече Ненад Јовановски, граѓански активист.
За време на протестот, општинската зграда беше под полициско обезбедување а дел од полицајците беа испрскани со боја, која се одбиваше од фасадата на општинската зграда.
„Организирана група која е заслепена од желбата за моќ, успеа во неколкугодишно окупирање на секој сегмент од животот, потпомогнати со моќта на институциите кои ги запоседнаа, потпомогнати од без`рбетниците кои ние ги плаќаме да спроведуваат ред, правда, да искривуваат закони каде криминалците се аболицираат, тие кои ни ја украдоа сегашноста и кои и ја осиромашија иднината на нашите деца. А обичиот граѓанин го убија со ниски плати, високи даноци, превисоки казни. И таму сме сведоци дека има селектирање на правдата и се додека се врши такво селектирање ќе нема мир. На секое ќоше, нека знаат слугите на режимот дека доаѓа време на правда“- рече граѓанскиот активист Орданче Бошковски.
Протестот заврши мирно а се најавува дека ќе се протестира се до исполнување на барањата кои што ги имаат поддржувачите на „Шарената револуција“.
Ангел Данов