Нови 80 милиони денари за модернизација и производство на премиум вина во ВВ „Тиквеш“
Винарската визба „Тиквеш“ го финализираше инвестирањето во најсовремена технологија за преработка, одлежување и полнење на виното. За таа цел вложи вкупно 1,2 милиони евра, од кои 480 илјади евра ги обезбеди преку ИПАРД програмата на Европската Унија. Оваа инвестиција е од исклучително значење за винаријата затоа што со нејзина модернизација овозможува производство на вино со премиум квалитет.
„Дополнително значење за нас е тоа што дел од средствата во проектот се обезбедени од програмите на ЕУ, затоа што на тој начин добиваме дополнителна потврда дека нашите инвестиции се компатабилни со стандардите и приоритетите на Унијата“,рече генералниот директор на винарската визба „Тиквеш“, Игор Илиевски.
Со вкупната инвестиција винаријата набави најсовремена опрема за одлежување и пакување на виното, како и најсовремена лабораториска опрема.
„Една од главните цели на ИПАРД програмата е натамошно подобрување на конкурентноста на македонските замјоделски стопанства и компании, преку инвестиции во технологија која ќе им овозможи зголемување на додадената вредност на нивните производи и достигнување на стандардите за квалитет на Европската Унија“, рече директорката на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Билјана Вуковиќ.
Со оваа инвестиција, најстарата македонса винарија ја продолжува повеќегодишната традиција на унапредување на производството на врвни вина, која за една деценија надмина 30 милиони евра. Винаријата и понатаму останува посветена на својот одржлив раст и развој во кој континуирано вложува значителни финансиски средства./Д.С