Кучињата скитници ги плашат кавадарчани
Кучињата скитници и понатаму во голем број шетаат по кавадаречките улици. Граѓаните стравуваат за својата безбедност и безбедноста на децата. Тие во повеќе наврати реагирале до општината, но проблемот тешко се решава. Постојано има нови кучиња за кои не се грижи никој.
„Срце за животните“ е неформална организација која се занимава со помош и вдомување на животните кои шетаат на улица. Од оваа организација сметаат дека проблемот со кучињата скитници е изразен од причина што не се прифаќа опцијата за стерилизација и кастрација на бездомните животни.
„Потребно е прво во стерилизација и кастрација на домашните миленици, а потоа на уличните кучиња. Исто така за неодговорните сопственици да се изрекуваат казни, додека општината треба да има стационар каде привремено ќе се оставаат животните, ќе се стерилизираат и потоа повторно вратат на улицата“ велат од организацијата „Срце за животните“ и нагласуваат дека стерилизацијата е единственото хумано решение, бидејќи кучињата се размножуваат непречено.
Од општината нагласуваат дека работат на решавање на проблемот со кучињата скитници, но имало појава кучиња скитници да се собираат од една општина и да се носат во друга. Градоначалникот Панов смета дека и во Кавадарци се има случено ваква појава бидејќи одеднаш е зголемен бројот на кучињата по улиците.
„Проблемот мораме да го решаваме на ниво на Вардарски плански регион, бидејќи секоја општина сама неможе против оваа појава. Факт е дека на општина Кавадарци и е потребна шинтерска служба, но потребни се и пари за истата да функционира нормално.“ рече градоначалникот Александар Панов./А.Д