Тиквешки гроздобер: Кралицата и кралот го предводеа винскиот карневал
Во рамки на 52-то издание на стопанско туристичката и културна манифестација „Тиквешки гроздобер“ вечерва се одржа винскиот карневал. Карневалската процесија ја предводеа кралицата и кралот на гроздоберот. По нив следуваа настапите на дваесетина маски од училиштата во Кавадарци и маски од збратимените и пријателски градови на Кавадарци од земјава и странство. Плоштадот и улиците каде се движеше карневалската поворка беа преполни.
Учесниците задоволни од настапите, но кавадарчани коментираа дека „темата на домашните маски била промашена“. На едни им се допадна тоа што можеа да го видат, а други пак рекоа дека од година во година карневалот е се послаб.
Годинава за прв пат општината објави јавен повик за учество на карневалски групи од општината и награди за најдобрите, но квалитетот, според мислењето на многумина го немаше.
И годинава организаторот не обезбедил простор каде ќе можат медиумите непречено да работат и да го овековечат овој настан. За време на карневалот беа растурени летоци во кои пишуваше „Имате пари за панорамско тркало, а немате за лозарите“.
Карневалската процесија заврши со неколку минутен огномет. Потоа следеа настапите на „Пурпурен Цепелин“ и легендардните „Парни Ваљак“. А.Д