Лозари: „Субвенциите за визбите не се решение на проблемот со откупот“
Одлуката на владата, државата да ги субвенционира винарските визби со по 3 денари по килограм откупен вранец, со цел да се соберел годинашниот род од оваа винска сорта за лозарите не е вистинско решавање на проблемот со откупот на винско грозје. Производителите на грозје велат дека родот им пропаднал на лозјата, додека визбите тактизирале со откупот. Според нив, намерно не се откупувал вранецот, за на крај визбите да добијат и евтино грозје, но и државна помош.
Лозарите се гневни и на тврдењето на министерот за земјоделство, Михаил Цветков дека винарската визба „Повардарие“ од Неготино немала долг кон лозарите и дека го исплатила грозјето во целост. Многу лозари на социјалните мрежи коментираат и тврдат дека визбата им должи за родот од 2015 година.
„Секоја година среде берба се носат непромислени одлуки и наводни решенија. Ова повеќе не се издржува. Работиме, правиме трошоци за производство и на крај неможеме да го продадиме родот, ниту пак да си го наплатиме грозјето. Вчерашната вест дека ќе им се даваат субвенции на визбите е непромислен потег, на штета на лозарите. Визбите ќе си купат евтино грозје, а и ќе си добијат пари за тоа што ќе си ја купуваат потребната суровина за производство на вино“ – коментираат лозарите.
Лидерот на лозарите, Љупчо Аризанов не очекува мерката за помош на винариите што ја понуди државата дека ќе има успех и ќе го ублажи проблемот со октуп на кратошијата.
„Визбите повторно ќе го изиграат секој договор. Вранецот не е ни половина собран од нивите. Проблеми ќе има и во наредниот период“ вели Аризанов.
Стручњаците велат дека дел од родот на вранецот е оштетен поради дождот, особено она грозје кое не било квалитетно заштитено од гроздов молец. Друг дел од грозјето било со намалена шеќерност. Сето тоа било на огромна штета на лозарите.
Пред почетокот на гроздоберот се шпекулираше дека визбите оваа година ќе откупуваат бели вински сорти на грозје значително во помала количина, но еве сега излезе дека и вранецот е проблематичен. Дали исто сценарио откупувачите ќе применат и за смедеревката и останатите вински сорти допрва ќе се види.
Се на се и овој гроздобер не се разликува по ништо. Квалитетно грозје, проблематичен откуп, ниски цени, неисплатено старо грозје на лозарите. Дали со ваквите состојби има иднина лозарството и дали и понатаму ќе се подигаат нови лозови насади или пак ќе се запуштаат и постоечките ќе покаже времето.
Aнгел Данов