Заев во Тиквешијата: “Владата да го откупи преостанатото грозје“
Колони со полни трактори грозје чекаат пред откупните пунктови. Лозарите во надеж дека ќе им биде купено грозјето. Дел од нив го продаваат, а на друг дел им се враќа со изговор дека нема доволно шеќерни единици. Гневот на лозарите е голем. Се жалат дека оваа година е најлоша за нив во поглед на пласманот иако имаат квалитетен род.
Денеска на средба со лозаропоризводителите на откупните пунктови беше лидерот на македонската опозиција, Зоран Заев. Тој разговараше со лозарите и се информираше за проблемите со кои се соочуваат. Лозарите се пожалија дека неможат да го продадат годинашниот род, немаат земено пари за ланското грозје, а се соочуваат со извшители поради долгови во банките и земјоделските аптеки.
„Состојбите со грозјето во Македонија се катастрофални. Тиквешијата е во немилост и на нашиот народ навистина му е потребна помош. Тиквешкиот регион годишно произведува некои 130 милиони килограми бело и црно грозје. Она што досега е очекување е дека пола од грозјето нема да се откупи. Тоа е само по себе сериозен индикатор дека овој наш народ ќе остане без пласиран род и без пари за своја сопствена егзистенција. Извршителите, банките, аптеките за препарати не чекаат. Тие веднаш инкасираат и тргнуваат со наплата на своите побарувања. Се работи за нашиот народ“ рече претседателот на СДСМ.
Заев рече дека дошол на средба со лозарите со добра намера, да се испрати порака до владата.
„Еве за некои работи да застанеме заедно. Директно ја охрабруваме владата да направи интервентен откуп на овие 50- тина милиони килограми црно и бело грозје кои што се останати во тиквешкиот крај и во цела Македонија. Се работи за интервенција не поголема од 10 милиони евра. Самото панорамско тркало е 18 милиони евра, а ко не и повеќе. Сите овие непродуктивни трошоци одат во неповрат. Имаме живи луѓе, наши граѓани на кои треба да им помогнеме. Јас верувам, дека ќе се смогнат сили директно да се интервенира, да се откупи ова грозје и таму каде има простор да се складира за да може да се обработи во вино и да биде продадено на пазарите во светот.“ рече Заев.
Мерката од 3 денари на владата, рече Заев, не давала резултати . Откупните пунктови се затворени. Лозарите по неколку дена чекаат пред нив. Ако падне уште еден дожд, или слана, родот отиде на земја. Ќе го изгубат тоа за што работеле цела година – нагласи тој.
Лидерот на опозицијата најави дека после изборите во декември лозарите ќе добиеле заштита и поголема грижа од државата, навремена исплата на субвенциите и сигурен пласман на производството.
„Ова е последна година во РМ, каде лозарите се незаштитени. После декември државата ќе биде директно вклучена со интервентен откуп во организација на пласманот на земјоделското производство, така и на грозјето. 30 дена пред откуп ќе се знае откупната цена. Субвенциите ќе дојдат навремено, февруари најдоцна март, кога им требаат на лозарите. Државата ќе формира посебни агенции за грозје, за градинарски производи, за овоштарски производи, за житото, за тутунот, каде што директно ќе биде партнер и со земјоделците и со откупувачите. Во Македонија ние имаме нешто што е наша предност и вредност, а тоа е работливиот народ и земјоделското производство. Мораме директно да интервенираме ако сакаме нашите граѓани да гледаат иднина во Македонија“ нагласи Заев.
Aнгел Данов