Се вжештува политичката сцена во Кавадарци
Обвинувања од опозицијата за богатење на функционери на власта, деманти и контра обвинувања. Политичката сцена во Кавадарци се вжештува во пресрет на договорените избори во декември.
Овие неколку дена кавадарчани имаа можност од прес конференциите на опозицијата да слушнат кој и каде си купил стан. На мета на СДСМ од Кавадарцибеа претседателката на кавадаречкиот совет, Горица Пеливанова-Вилхелм, советникот Златко Ташев, од ВМРО-ДПМНЕ, советничката од ГРОМ и сопруга на екс градоначалникот на Кавадарци, Панчо Минов, Божанка Минова, како и директори на јавни претпријатија.
„ Советничката од ГРОМ, Божанка Минова се стекнала со имот, стан во Скопје во вредност од 120 илјади евра. Директорот на Водостопанство Тиквеш, Љубе Димов, купил стан во Скопје во вредност од 90 илјади евра, како и овоштарници во Чичево. Но, Димов не го пријавил овој имот во анкетниот лист. Директорот на ЈП Комуналец Кавадарци, Илија Атанасов пред изградбата на својата хациенда во Моклиште со помош на работна рака од вработените на Комуналец, си купил и стан во Скопје во вредност од 40 илјади евра. Техничкиот директор на Водостопанство Тиквеш, Илија Темелковски со живеалиште во с. Сопот, исто така се стекнал со стан во Кавадарци во вредност од 24.500 евра. 500 илјади граѓани во Македонија што живеат на работ од сиромаштијата прашуваат како функционерите на ВМРО-ДПМНЕ успеале да заштедат илјадници евра? “ обвини претседателот на ОО на СДСМ Кавадарци, Зоран Ѓорѓиев.
На ваквите обвинувања досега реагираа претседателката на советот, Пеливанова-Вилхелм, која рече дека становите во Скопје и Кавадарци и се купени со пари од нејзината плата и од платата на нејзиниот сопруг кој не бил од Македонија, и поранешниот градоначалник Панчо Минов во име на неговата сопруга Божанка Минова.
„Имотот на фамилија Минови е стекнат согласно закон. За тоа се вршени проверки. Јавно го повикувам Зоран Ѓорѓиев, ако има докази за незаконитости и корумтивни дејствија, ако е во политичка смисла маж, да испадне пред јавноста со докази по што ќе има основа за докажување во постапка пред надлежни органи. Мое лично убедување за ваквата негативна кампања и на Ѓорѓиев и СДСМ дека е погубна, а ги охрабрувам и во иднина да земат континуитет, без конкретни решенија на надминување на појавата на осиромашување на граѓанството, без конкретни решенија по ниту една актуелна проблематика во однос на интересите и засегнатостите на граѓанството во Општина Кавадарци да трошат време и енергија. Ваквите игри со чуства на незадоволство и револт на луѓето, а со необјективни и лажни напади, сметам дека се факт кој е веќе препознатлив во јавноста во Република Македонија. Лично ќе изразам борбеност и придонес да граѓаните ја дадат довербата на луѓе кои се способни, кредибилни, со искуственост и решенија на локално и републичко ниво, а не што читаат како Ѓорѓиев по налог на одредени напади и невистини“ реагираше Минов.
Градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов денеска повика да запрат препукувањата за богатења и да им се нуделе на граѓаните ветувања за идни проекти. Најави дека неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ во наредните денови ќе одговорела сразмерно на обвинувањата на СДСМ и ќе објавела список со имиња на функционери од СДСМ кои се збогатиле во минатото.
Во периодот што следи повеќе од сигурно е дека кавадарчани ќе слушнат уште многу обвинувања за богатења. Политичката сцена во пресрет на декемвриските вонредни парламентарни избори ќе се загрева до точка на вриење. Со ваквите обвинувања лозарите на момент се тргнаа од фокусот на политичките претставници.
Aнгел Данов