СДСМ: „Постојат сериозни индиции дека директорот на СОЗШУ „Ѓорче Петров“ е вмешан во криминал“
Од ОО на СДСМ Кавадарци на прес конференција обвинија дека директорот на СОЗШУ „Ѓорче Петров“ Кавадарци бил вмешан во криминал. Против него имало правосилна судска пресуда за насилство врз ученик – рече Митко Керов, член на извршен одбор на СДСМ.
„ Скандал врз скандал се врзува за директорот на СОЗШУ „Ѓорче Петров“ во Кавадарци, но градоначалникот Панов упорно го држи на раководна позиција во установа во која што треба да се образуваат ученици! Постојат сериозни индиции дека директорот на училиштето Благој Димитров е вмешан во криминал, а најскандалозно е што против него има правосилна судска пресуда за насилство врз ученик“ рече Керов и ја презентираше правосилната судска пресуда од 2009 година.
Рече дека во пресудата било наведено дека ученикот бил удиран со дневник и туркан поради што се здобил со телесни повреди.
„ Димиторв со помош на градоначалникот на Кавадарци од редовитена ВМРО-ДПМНЕ и нивните инсталации во судот, според информациите што ги имаме, извадил фалсификат потврда дека не е осудуван и така до денес директорува со училиштето“ обвини Керов.
Тој побара надлежните органи да испитале дали освен што има пресуда за насилство врз ученик, директорот на СОЗШУ, партиски кадар на Груевски, купил трактор на наместен тендер? Дали Димитров од позицијата директор имал проневерено 12.000 евра и продолжувал нерационално да троши пари на училиштето и дали директорот на земјоделско, шумаркото училиште прави криминал со дрвата од научно наставната шума од 360 хектари, сопственост на самото училиште.
„ Порачуваме дека завршува времето на криминалци и насилници и одговорност ќе има! Доаѓа време на заштитени, задоволни и мотивирани ученици и наставници“ порача Керов.
A.Д