СДСМ: „Откупот е стопиран, визбите пред време ја завршија сезоната“
„Откупот на грозјето е стопиран! Откупните пунктови се празни, голем дел од винарските визби пред време ја завршија сезоната. Земјоделците се изманипулирани и револтирани, мака мачат како да го продадат својот род, затоа што тоа им е единствена егзистенција. Мерките на Владата уште еднаш покажаа дека се погубни за земјоделците“ обвини денеска на прес конференција Митко Керов од ОО на СДСМ Кавадарци.
Тој рече дека лажните мерки за субвенционирање на дополнителни 3 денари за откуп на вранецот и дополнителни 2 денари субвенција за откуп на смедеревката, не дале никаков резултат.
„Земјоделците се гневни затоа што грозјето им скапува на нивите, додека локалните моќници прават списоци за откуп. Само интеревент откуп беше решение на проблемот. Не може да се трошат 12 милиони евра за Панорамско тркало, а за лозарите да нема пари. На неодговорниот однос кон земјоделците ќе му дојде крај.“ рече Керов.
По демократските промени, новата и одговорна влада предводена од СДСМ веднаш ќе донесе закон за зелена нафта, беше речено понатаму на прес конференцијата и дека субвенциите ќе биле зголемени и исплаќани на време, а цените на репроматеријалите ќе се намалеле.
СДСМ им вети на лозарите дека по превземање на власта, кога ќе имало вишок на грозје, ќе се донесела одлука за интервентен откуп со цел стабилизација на пазарот.
А.Д