Силниот разглас на џамијата ги разлути кавадарчани
Веќе извесен период, по реновирањето на џамијата и оџата од Кавадарци ги повикува муслиманските верници на молитва, преку озвучување. Ваквата пракса која ја немаше во минатото во Кавадарци е причина за бројни реакции на кавадарчани, кои реагираат дека премногу гласно било пуштено озвучувањето.
Дел од граѓаните, посебно тие кои седат во непосредна близина на џамијата, велат, дека секогаш кога започнувало обраќањето на оџата, нивните деца се плашеле. Бидејќи во градот е мал бројот на муслимански верници, сметаат дека немало потреба од разглас во џамијата. Велат, немаме ништо против да си ги извршуваат верските обреди во џамијата, но премногу е гласно пеењето на оџата.
Се обративме за информации до претседателот на Исламската верска заедница за Вардарскиот регион Амет Фазлиов. Тој побара разбирање од кавадарчани за нивните верски потреби. Рече дека преку озвучувањето оџата се обраќал само во петок и за тоа имале законска можност и одобрување.
„Секој петок имаме петочна молитва во времетраење од 3 минути. Тоа е повик до верниците да дојдат на молитва. Преку лето обраќањето е во петок од 12 часот, а преку зима по промената на часовникот, обраќањето е од 13 часот. Бараме нашите сограѓани да го разберат тоа“ вели Фазлиов и објаснува дека за користењето на разглас имале дозвола, а била извршена и контрола од надлежните институции. Тој е категоричен, дека во мултиетничко општество не треба да сметаат различностите.
Градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов потврди дека реакции од граѓаните добивал и тој. Му била доставена петиција потпишана од повеќе граѓани, по што разговарал со претставниците на исламската верска заедница. Панов најави дека повторно ќе има средба со претставници на џамијата, бидејќи повторно има реакции.
А.Д