Обука на земјоделците од Тиквешијата за органско производство
Голем број земјоделци од Кавадарци, Росоман, Неготино и Демир Капија денеска учествуваа во обуката за органско земјоделско производство организирана од Центарот за развој на вардарски плански регион.
Дел од присутните земјоделци кажаа свои лични искуства за органското производство на храна. Рекоа дека е потешко производството, но на крај се добива храна која не е затруена со хемикалии.
Обуката е дел од проектот на Програмата за развој на Обединетите нации УНДП, имплементирана од Центарот за развој на Вардарскиот плански регион. Проектот е насловен „Поддршка и промоција на препознатливо стопанско туристички настани и мапирање на форми на рурален туризам”.
Целта на оваа обука е да се соберат сите индивидуални земјоделци од Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Росоман, кои произведуваат земјоделско производство и да се запознаат со сите бенефити на самото органско производство. Органското производство е тренд во денешно време. Оваа обука е последна во оваа сесија на обуки кои ги одржува Центарот за развој при Вардарскиот плански регион, откако претходно имавме слична ваква обука наменета за микрорегионот Свети Николе и Лозово, рече во изјава за медиумите, Снежана Митрова од Вардарски плански регион.
Предавач на обуките беше агрономот Иван Стојанов.
Органското производство претставува систем кој го одржува здравјето на почвата, екосистемот и луѓето. Се базира на еколошки процеси, биодиверзитет и производство прилагодено на локалните услови со ограничена употреба на инпути. Органското производство е тренд во светот, а е комбинација на традиција и новитети во науката, со цел за остварување на заедничка корист и промоција на фер односи и добар квалитет на живот за ситет кои се вклчени во овој систем на производство – беше речено меѓу другото пред земјоделските производители.
A.Д