(ФОТО) Традиционален „Фестивал на младо вино“ во Тиквеш
По седми пат се одржа „Фестивалот на младо вино“ во винарската визба „Тиквеш“ во Кавадарци. Многубројните љубители на виното имаа можност да го вкусат виното од годинешната берба и уште еднаш да се уверат во неговиот квалитет. Според првите импресии на познавачите на вино како и на останатите посетители меѓу кои повеќе амбасадори, политичари, познати личности од бизнис секторот и од уметноста, вината на „Тиквеш“ и од годинешнава берба имаат висок потенцијал за лласман како на домашниот така и на странските пазари.
– Денеска сме тука затоа што сакаме да споделиме со вас што вредните раце на лозарите и винарите како и благонаклоноста на природата, посветеноста, љубовта и желбата успеаја во воздигнувањето на напивката. Денеска во вас ги истураме сите мириси, ароми, бои што ги испреплетовме во една година. Јас нема да зборувам за нашите стравови, вложувања, страста која ја вложуваме во овој божји напиток. Нема да ви зборувам за нашата отсутност од фамилиите, од пријателите, од вас. Само сакам да ви се заблагодарам што сте со нас и не поддржувате во она што го работиме, рече сопственикот на „Тиквеш“ Свето Јаневски.
Освен што станува традиција во проценката на квалитетот на виното од тековната берба, „Фестивалот на младо вино“ ја развива и винската култура а ја унапредува и репутацијата и стандардите на домашната винска индустрија како и на македонското врвно вино кое стана своевиден бренд.
Даниела Саздова
Фото галерија од „Фестивалот на младо вино“ во „Тиквеш“