Регионална стопанска комора Кавадарци: „Неопходен е крај на политичката криза“
По одржаните средби со двете најголеми политички партии во земјава во рамки на предизборната кампања за предвремените парламентарни избори, денеска во јавноста се произнесе претседателот на Регионалната стопанска комора Кавадарци, м-р Митко Јанчев. Тој информира дека на средбите политичките партии ги презентирале своите програми во делот на економијата, која што и најмногу ги засега бизнисмените.
„Неопходен е крај на политичката криза која што во Република Македонија трае повеќе од две години, што сметам дека е еден од битните предуслови за реализирање на планираните активности и инвестиции на бизнис секторот во овој регион. Бизнис секторот е против било каква поделба во државата, по било кој основ, без оглед дали е тоа етничка, верска или политичка припадност, кои можат да предизвикаат насилство, омраза и подвоеност помеѓу граѓаните, односно сме против било каква политичка игра против идентитетот, суверенитетот и унитарноста на Република Македонија и сите се залагаме за единствена и мирна Македонија“ нагласува Јанчев во писменото обраќање до јавноста.
Понатаму се наведува дека Регионалната стопанска комора Кавадарци е против воведувањето на двојазичност и други форми на повеќе јазичност на територијата на Република Македонија, од причина што во земјава, тоа прашање е апсолвирано во Уставот и Законот за употреба на јазиците.
„Регионалната комора Кавадарци смета дека било какво воведување на федерализација и кантонизација, што во основа е со исто значење, и со тоа менување на унитарноста и давање на поинакви овластувања и ингеренции на локалната самоуправа во сите сфери на општествено живеење, а особено во сферата на стопанството ќе значи негов регрес и стопирање на прогресот кој е во тек“ пишува Јанчев и апелира на 11 декември да докажеме дека сме зрела држава.
„Народот со масовно излегување на гласање ќе ја прокламира и безерезервно ќе ја искаже својата волја и со тоа ќе допринесе Република Македонија да зачекори по патот на економскиот прогрес и сестрана благосостојба“ стои на крајот во писменото обраќање на претседателот на Регионална стопанска комора Кавадарци, м-р Митко Јанчев.
А.Д