АНАЛИЗА: Мрзнењето на лозјата е најголемо покрај реките
Многу ниските температури кои започнаа од 7 јануари и траеја скоро 20 дена предизвикаа измрзнување на родните папки кај лозјата, особено во некои критични микрореони и кај некои сорти – се вели во анализата изготвена од експертот по лозарство и заштита на растенијата, м-р Диме Златев.
Тој нагласува дека во последните 50 години екстремно ниски температури во зимскиот период се регистрирани во 1967 година, кога биле измерени -18 степени, во 1979 година -16, во 1989 -15. -16 биле регистрирани во 1986 година, исто толку и во 1990 гоина. ВО 1993 година е регистрирана најниската температура од рекордни -23 степени, додека -19 се измерени во 2002 година и -18 годинава.
М-р Златев нагласува дека лозите подготвени влегле во зима, благодарение на пријатната есен.
„Во втората половина на декември 2016 година имаше ниски температури во помал износ, но сепак со тоа се овозможи ластарите и папките да се аклиматизираат за да мразниот удар од -15 до -19 степени не предизвика температурен шок. Сепак, отпорноста на ниски температури од -15 до -19 степени за повеќе сорти се со штетни последици, особено лош е фактот што мразниот удар траеше долго, речиси 20 дена со ниски како ноќни, така и дневни температури“ вели во анализата м-р Златев и нагласува дека сортите кардинал и афуз-али се најнеотпорни на ниски температури, затоа во сите локации и локалитети каде се одгледуваат овие сорти , а температурата падна на -16 до -18 степени измрзнувањето на родните папки изнесува на дебелите ластари над 90%, а на потенките меѓу 70-80%.
Во локалитетите кои се котлински и ниски, покрај реките Луда Мара и тоа во Ваташа, Глишиќ, Марена, Сопот и Куријата, покрај Црна и Вардар, Возарци, Шивец, Трстеник, Манастирец, Росоман, Градско, Стоби, Црвени Брегови, Пепелиште, Дуброво, и Демир Капија температурата се спушти до -19 степени. „Во овие локалитети кај сортата вранец мрзнењето е 85% кај дебелите ластари, а 65% на потенките ластари, кај смедеревката мрзнењето на дебелите ластари е 70%, а на потенките 55%. Мрзнење има и кај сортата „викторија“ и тоа 80% на дебелите и 60% на тенките ластари. Во сите овие локации кај сортите р`кацетели, темјаника, станушина, кабарне совињон, Мерло, Шардоне, рајски ризлинг клон 239 и други измрзнувањето е значително помало и тоа 40% на дебелите и 20 отсто на потенките ластари“ објаснува Златев.
Понатаму во неговата анализа се нагласува дека во реоните на Овчка река, Дисанските брда, кавадаречко-неготинските брда, ресавко-бегнишките лозја и на други поиздигнати терени во однос на рамните, котлинските, оштетувањето на родните папки дури и кај најосетливите сорти оштетувањето е значително помало и кај вранецот се движело 30% на дебелите ластари и 15% на тенките, а кај смедеревката во типично лозарските реонимрзнењето било до 20%.
“На овие типично лозарски реони температурата и во најкритичните ноќи се спушти до -16 степени што претставува суштински фактор дека ридестите терени и локации се многу попогодни за одгледување на виновата лоза. Интересно е тоа дека во овој 50 годишен период се потврди дека и во најкритичните, рамните локации каде ниските температури се екстремно пониски за 5-7 степени, многу отпорни сорти на температури и до -23 степени се докажаа станушината, која е домашна автохтона тиквешка сорта, жилавката која е идеална целосно да ја замени смедеревката. Потоа во најотпорните е темјаниката исто така наша домашна, тиквешка сорта. ВО многу отпорните влегуваат и малвазија, р`кацетели, кабарне совињон, мерло, мускат и хамбург“ вели м-р Златев.
Тој нагласува дека досегашното искуство покажало оти при подигање на нови лозови насади потребно е да се избегнуваат ниските-котлински локации, особено доколку се сади вранец, кардинал, викторија, афуз али па и смедеревка.
„Законот за вино наложува при подигање на нови лозови насади МЗШВ да издава одобрение за сорта и локација токму поради избегнување на можните последици од мрзнење, а со тоа губење на родот како и сушење на цели насади“ вели Златев.
Овој експерт кој долги години е во лозарството советува секој сопственик на лозов насад да појде во плантажите и од секоја сорта да земе по десет ластари со по 10 папки од дебелите ластари и исто толку од потенките и да ги врзе ластарите во снопчиња. Ластарите се земаат по случаен избор, вели Златев и од повеќе лози. Потоа истите се носат во погодна просторија за анализирање и со помош на жилет или скалпел се сечат папките напречно. Оштетените се со кафена боја, а здравите папки со зелена боја. Потоа се собираат резултатите за секоја сорта и локација и се добива процент на мрзнење, по што се одредува техниката на кроење.
„Посветете еден ден на анализирање на степенот на мрзнење, бидејќи ако ја спроведите оваа препорака соодветно кај мрзнењето до 50 отсто со кроењето може да се изврши корекција и насадот да се доведе до род“ апелира Златев.
Ангел Данов