Кучиња скитници ги плашат кавадарчани – проблемот се решава со труење
Глутници кучиња скитници сеат страв низ кавадаречките улици. Ги има насекаде, во центарот на градот, во периферијата. Граѓаните стравуваат за својата безбедност и коментираат дека им е страв да се движат низ улиците, бидејќи можат да бидат нападнати од глутница кучиња. Овој проблем подолг период е присутен во Кавадарци, но засега нема никакви активности истиот да биде решен. Шинтерска служба не постои.
Проблемот е во неприфаќањето на опцијата стерилизација и кастрација и се напуштаат кучињата масовно, велат од неформалната организација за помош и вдомување на улични животни, „Срце за животните” од Кавадарци.
Лекарите од итната медицинска помош бележат интервенции на каснати пациенти од куче скитник.
„Во итната медицинска помош имаме регистрирано пациенти кои биле каснати од куче. Не се работи за алармантна бројка во овој период споредено со минатите години“ рече д-р Никола Трендафилов, директор на Здравствен дом Кавадарци.
Познавачите на овој проблем велат дека решението на проблемот со кучињата скитници е во нивна стерилизација и кастрација на домашните миленици, потоа на уличните и казнување на неодговорните сопственици за напуштање на миленик, што е предвидено со закон и постојат пропишани казни.
Иако општината треба да има стационар и да функционира по програмата ‘залови-стерилизирај-врати’, тоа не заживеа во Кавадарци. Главниот проблем за тоа што кучињата скитници ги има на секој чекор, па и во строгиот центар на градот и пред влезот на општинското собрание е во неодговорните сопственици кои не водат соодветна грижа за своите миленици.
Неодамна градоначалникот Александар Панов аламираше дека во Кавадарци се пуштале заловени кучиња скитници од други општини.
Деновиве социјалните мрежи се преплавени со коментари на тема: кучиња скитници откако бил расфрлан отров во паркот наспроти полицијата.
Коментарите се во насока дека фрлањето на отров не е хуман потег за да се реши проблемот со кучињата, туку напротив се создава опасност да настрадаат и деца кои може да дојдат во контакт со тешките отрови кои се фрлаат.
Ангел Данов