Земјоделците ги почнаа работите, ама пак без пари
Голем е бројот на земјоделски производители од Тиквешијата кои деновиве се погласно реагираат поради неисплатени субвенции. Тие се жалат дека немаат земено субвенции за 2015 и 2016 година. Не се во можност да ги извшуваат потребните агротехнички и хемиски мерки за квалитетно производство. Според нив, државата ги заборавила и ги оставила без ветената подршка.
„Ова станува неподносливо. Немам земено пари за предаденото грозје во Повардарие. Сеуште ги чекам субвенциите за минатите години. Секој ден ни ветуваат дека од наредниот ден ќе ни пуштат пари, но пари нема. Секојдневно им досадуваме во банка за да провериме дали се пуштени парите што ни ги должи државата“ се жали лозар од Кавадарци.
Никој од производителите на храна не сака јавно да говори за својот проблем, бидејќи стравуваат дека ќе се соочат со притисоци или пак нема да им бидат исплатени субвенциите. Се жалат дека секојдевно доаѓаат да им ја исклучат струјата поради неплатени сметки, а главоболка им создавале и извршителите.
„Добиваме извршни решенија, а нема од каде да платиме. Производството не ни е платено за две години. Државата не сака да не заштити од трговците кои профитираат од нашата мака“ реагираат земјоделците. Тие не се задоволни и од нивниот самопрогласен лидер, Љупчо Аризанов. Велат дека тој си остварувал лични интереси на нивна штета. Бил политички определен и застанал во одбрана на луѓе кои правеле криминал, а не во заштита на правата на земјоделците.
Деновиве на прес конференција подршка за земјоделците дадоа и од општинската организација на СДСМ Кавадарци.
„Новата реколта веќе започна, а земјоделците се уште ги чекаат субвенциите за 2016 година, што им следуваат по закон. Доцнат и субвенции за 2015 и 2014 година. Земјоделците немаат пари за да го поминат месецот, а веќе мора да прават нови вложувања. ВМРО-ДПМНЕ покажа дека воопшто не се грижи за граѓаните, туку само за своите криминални бизниси и нафтени платформи. Затоа го блокира Собранието, затоа Ѓорге Иванов не го дава мандатот за состав на нова реформска Влада на граѓаните. Затоа ги лаже земјоделците преку смени на директори во Платежната агенција и преку префрлање на топката меѓу агенцијата и Министерството за финансии„ рече Митко Керов од комисијата за земјоделство при ОО на СДСМ Кавадарци.
Тој нагласи дека земјоделците ќе ги добиеле субвенциите откако ќе се формирала новата реформска влада. Како што рече, да имало нова Влада, земјоделците веќе ќе ги имале добиено субвенциите, а ќе можеле да ја користат зелената нафта која е 50 отсто поефтина од досегашната.
Ангел Данов