Бизнисмените од Кавадарци ја реновираа играорната сала на ФА „Тиквеш“
Културните амбасадори на Кавадарци, играорците од фолклорниот ансамбл „Тиквеш“ благодарение на ротари клубот од овој град ќе работат во целосно реновирана играорна сала. Ротаријанците одлучија годинава реновирањето на салата да им биде прв проект и веќе е целосно реализиран.
Синоќа на свеченост и официјално салата беше пуштена во функција на големо задоволство на сите членови на фолклорниот ансамбл, но и на вработените во домот на културата, во чии рамки дејстува фолклорното друштво.
Претседателот на ротари клуб Кавадарци, Бранко Колев нагласи дека ротаријанците редовно донираат за децата на Кавадарци и овој проект е само еден од низата реализирани.
„Ротари клуб од самото негово постоење до денес инвестира во интерес на децата на Кавадарци. Досега изградивме фитнес центар на отворено, игралиште покрај кејот, дониравме во ООУ „Страшо Пинџур“ и во кавадаречката болница“ рече Колев и најави дека за годинава имаат планирано уште еден проект за помош во заедницата.
Со помош на бизнисмените од Кавадарци ќе се реновира детското одделение во кавадаречката болница.
Директорот на домот на културата „Иван Мазов Климе“, Владимир Темков се заблагодари на бизнис заедницата и нагласи дека за прв пат во историјата на домот на културата некој се сетил да донира за потребите на ова установа.
„Оваа донација ќе остави траен белег за над 130 деца кои се дел од фолклорниот ансамбл и голем дел од денот поминуваат во играорната сала“ рече Темков./A.Д