м-р Златев: „Измрзнаа околу 1000 хектари лозов насад“
Лозарите и овоштарите во шок по мрзнењето кое се случи на лозовите и овошните насади деновиве. Сеуште се прават проценки колку штети направија ниските температури. Ова е второ мрзнење годинава.
Според првичните видувања на м-р Диме Златев, стручњак од областа на заштитата кој неколку децении ги следи состојбите во лозарството и овоштарството, со бранот од ниски температури во петокот спрема саботата најмногу на удар се лозовите насади кои се наоѓаат во котлинските делови.
„Најмногу погодени се лозови насади во реоните на Глишиќ, Марена, Сопот, Рибарци, Курија, Фариш. Тоа е критична линија за лозарството. Она што е многу чудно во одредени насади делумно има мрзнење, делумно не. Исто така има појава еден насад да е целосно оштетен, а соседниот да нема воопшто штети или пак тие да се минимални“ рече м-р Златев.
Тој нагласува дека досега не памети вакви ниски температури и штети врз лозјата и овошните насади.
„Во ваква напредната фаза од развојот немало мрзнење. Сега измрзнаа ластари од 30-40 см. Се сеќавам дека имало години кога во овој период температурата паднала до -2 степени, но никогаш вакви штети немало во овој период од годината“ додава Златев.
Во Росоман критичната ноќ е измерена температура од -3,5 степени, во Сопот и Паликура температурата паднала до -4 степени, а најниска температура е регистрирана во Демир Капија од -5 степени.
“Не е вистина она што го пласираа некои национални медиуми дека измрзнаа 7.000 хектари во кавадаречко. Од последниот ладен бран штетите се на лозови површини до максимум 1000 хектари и тоа лозја кои се садени во реони кои не одговараат за одгледување на винова лоза“ вели м-р Златев.
Ангел Данов