Здружението „Тиквешки роми“ обвинува за неосновано укинување социјална помош
Петнаесетина корисници на социјална помош од Кавадарци добиле барања за вонсудска спогодба за враќање на пари добиени на нивните трансакциски сметки по основ на социјална помош.
Ваквите барања според претседателот на здружението „Тиквешки роми“, Раим Сулејманов се испратени од кавадаречкиот центар за социјална работа, бидејќи лицата што ги добиле имале прилив на пари од странство од нивни роднини.
Сулејманов побара ваквите барања центарот да ги повлече бидејќи биле спротивни на законот.
„Имаме над 15, а официјално може и над 20 издадени решенија, бидејќи на корисниците им бил евидентиран годишен приход над 70 илјади денари. Пари што ги добиле од нивни роднини во странство на трансакциските сметки. Уставен суд ги укина ваквите лимити, но во Центарот во Кавадарци повторно се бара од корисниците кои досега примале социјална помош да ги вратат парите. Ги контактирав министерот за труд и социјална политика и заменик народниот правобранител и ми беше речено да поднесам претставки“ рече Сулејманов.
Директорката на Центарот за социјални работи, Вања Маневска ги отфрла обвинувањата дека било постапено спротивно на законските прописи и нагласи дека ЦСР секогаш постапува во согласност со законите.
„Тенденциозни и паушални се ваквите тврдења и обвинувања, поради што можно е да покренеме и соодветна постапка против здружението, бидејќи се руши угледот на институцијата“ велат од ЦСР.
А.Д