Меѓусебни обвинувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во кавадаречкиот совет
Советниците во кавадаречкиот совет од советничките групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни обвинувања денеска ја најавија кампањата за локалните избори, чиј датум на одржување е сеуште неизвесен. Тие во рамки на 56-та седница си разменија обвинувања поврзани со актуелната политичка состојба во земјава.
Советникот Горан Белевски од СДСМ реплицирајќи му на советникот Зоран Јованчев ретроспективно се осврна на носењето на законот за употреба на јазиците, гласањето за хашките случаи донесени кога во коалиција власта ја практицираа ВМРО-ДПМНЕ во коалиција со ДУИ.
Белевски рече дека во преговорите за нова влада со ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ прифатило се од т.н тиранска платформа, освен продолжување на мандатот на СЈО.
По него на говорница излезе советникот Сашко Петров со обвинувања на адреса на ВМРО-ДПМНЕ. Презентираше фотографии од рушењето на „Космос“, затворањето на А1 телевизија, апсењето на Велија Рамковски, на Љубе Бошковски. Се осврна на убиството на Мартин Нешковски и смртта на новинарот Никола Младенов. За СЈО рече дека ќе донесе светло на крајот на тунелот и дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ќе лежел во затвор.
Советникот Јованчев изнесе обвинувања кон СДСМ во време кога ја практицираше власта. Го спомена рушењето на авионот во кој загина претседателот Борис Трајковски, најавата од Црвенковски за вработување барем на еден член од семејство. Рече дека требало да се согледаат причините кои довеле до нападот на пратениците во собранието. Според него тие го провоцирале народот.
Зовриените страсти ги прекина претседателката на советот со давање на пауза. Потоа советниците се вратија на точките на дневен ред.
Со 10 гласа „за“ советот го прифати кварталниот извештај за извршувањето на буџетот на општина Кавадарци во првиот квартал од годината. Опозицијата во советот гласаше против. На усвојувањето му претходеа дискусии во кои од опозицијата беа искажани забелешки за слаба реализација на буџетот.
„Се е исто и во овој извештај, како времето да застанало. Камче не е помрднато во Кавадарци“ рече Сашко Петров и обвини за слаба реализација на сите програми. Посочи дека по формирањето на нова влада во сите општини ќе се направела ревизија со цел да се согледа трошењето на народните пари.
За големи отстапки помеѓу планираното и реализираното забележа и советничката од СДСМ, Милица Андова. Обвини дека во изминатите 4 години во општинската каса влегле и излегле 32 милиони евра, а ништо значајно се немало реализирано.
Препукувања меѓу советниците Сашко Петров и Ристо Сакалиев имаше и во делот на трошење на општинските пари за подршка на спортските клубови кои егзистираат во Кавадарци.
Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Јованчев кажа дека ќе го подржат кварталниот извештај и се осврна на реализираните проекти.
„Во моментов се работи на патот Росоман-Кавадарци, реконструирана е улицата „Страшо Пинџур“, се работи на санација на свлечиштето во Ваташа, во тек е изградба на нова градинка, обновена е пвц стопларијата во сите училишта во општината, а реконструирани се и покривните конструкции“ рече Јованчев.
Ангел Данов