Уште 350 метри ќе се доградат од кејот на реката Луда Мара
Реализација на третата фаза за изградба на кејот на реката Луда Мара е новиот проект на кој ќе се работи во Кавадарци, а за истиот денеска општината потпиша договор со Центарот за развој на Вардарски плански регион.
Проектот тежи околу 15 милиони денари, а кавадарчани ќе добијат уште неколку метри градски кеј.
„Како единствен апликант од Варадарскиот регион беше Кавадарци за да добиеме финансии од Бирото за регионален развој за довршување на кејот до „Брушанскиот мост“. Тоа ќе биде третата и последна фаза во овој период. Над 5 милиони денари се пари од оперативниот буџет на локалната самоуправа, а над 9 милиони пари од Бирото за регионален развој“ рече Панов.
Раководителот на Центарот за развој на Вардарски плански регион, Марко Колев за извонредна ја оцени соработката со општина Кавадарци и најави нови проекти за во следниот период.
„Добрата соработка резултираше со неколку инфраструктурни проекти кои ги имплементиравме на територијата на општина Кавадарци. Вкупниот буџет за овој проект е 15 милиони денари. Со овој проект ќе бидат опфатени 355 метри од кејот на реката Луда Мара. Ќе се постави урбана опрема и осветлување. Во проектот се предвидени и два пешачки моста кои ќе бидат изградени“ информираше Колев.
Советот на Вардарски плански регион ја одржа редовната седница во Кавадарци. Градоначалниците од овој регион имаа шест точки на дневен ред./А.Д