Украдени метални делови од модуларниот паркинг во Кавадарци – нарушена безбедноста
Граѓаните кои паркираат во катната гаража во Кавадарци се соочени со голем ризик, да се сруши катот врз нив. Опасноста демне откако непознати сторители ноќта, помеѓу понеделник 20-ти и вторник 21-ви јуни, ги украле стегите или држачите од столбовите. Со ваквиот чин се нарушени статиката на гаражата и безбедноста на сите граѓани кои ја користат.
Дрскоста и безобразлукот да бидат поголеми, катната гаража е на само неколку метри од полициската станица. Се поставува прашање колку биле „храбри“ арамиите?
Неофицијално, овие стеги би можеле на крадците да им послужат за плугови.
Од општината го осудуваат овој чин и бараат сторителите да бидат пронајдени и соодветно казнети.
„Денеска надлежните служби за комунални работи и сообраќај, извршија увид на самото место, при што констатираа кражба на 5 затегнувачи, како и оштетување на металната конструкција која ги држат носечките столбови за горната платформа.
Во исто време општината го контактираше и изведувачот на работите на модуларниот паркинг, кој треба исто така да изврши увид во оштетувањето и да посочи натамошни мерки за санирање на состојбата со нарушената конструкција. Од неговиот увид ќе зависи до кога горната платформа на паркингот ќе биде затворена за паркирање. Општината Кавадарци веднаш после увидот, направи записник и информација за извршената кражба, по што ги испрати до надлежните полициски организа понатамошна постапка. Општината Кавадарци јавно го осудува идиотскиот однос на арамиите кои за ситна корист уништувајќи јавно добро, направија штета која може да предизвика несакани последици по граѓаните корисници на модуларниот паркинг – се вели во писмената реакција од општина Кавадарци.
А.Д