Кавадаречките берачи на шумски плодови од 1-ви август ќе можат да вадат дозволи
Берачите на боровинки во Кавадаречко ќе можат од први август да си извадат дозволи за собирање на шумски плодови. Тоа е документ што мора да го поседува секој берач на боровинки во ридско шумските предели на општината. Дозволата што чини 400 денари се обезбедува во „Бор“ поточно кавадаречката подружница на “Македонски шуми”.
– Тоа е дозвола што мора да се поседува секој берач на целата територија на државата. Нејзината важност е од денот на добивањето до 31 декември. Исто така е значајно берачите да знаат дека родот што ќе го наберат треба да им го предадат само на откупувачи на боровинки кои имаат склучено договори со ЈП „Македонски шуми“, рече Петко Ристовски,шеф по заштита на шуми во подружницата во Кавадарци.
Според Ристовски пред некоја година издавале и по стотина дозволи но, годинава очекуваат бројот да биде помал поради априлското невреме кое влијаеше на родот.
– Пред две-три години сме издавале по 120 -150 дозволи на берачи во сезона. Лани состојбата со родот на боровинки беше катастрофална бидејќи измрзнаа па издадовме само 26 дозволи. Сега не можам да кажам каква е состојбата. Во понеделник ќе ја направам првата обиколка и ќе имаме проценка на родот за годинава, рече Ристовски.
Берачите велат дека годинава поради временските услови родот на боровинка е слаб за разлика од минатите години. Тие не можат да проценат колкав е биде годинашниот род.
За граѓаните кои ќе одлучат да берат боровинки без дозвола за берење шумски плодови законски е пропишана казна во висина од 3000 евра./Б.Н.Т