Во кавадаречкиот Суд, почна и заврши судскиот процес за изборен поткуп против градоначалникот Панов
Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов денеска на судското рочиште ги отфрли обвинувањата кои му се ставаат на товар за изборен поткуп за време на предвремените парламентарни избори во декември минатата година.
Тој дојде во кавадаречкиот Суд по одложени две рочишта.
Обвинението го товари Панов дека делото го сторил на 9 декември, на два дена пред предвремените парламентарни избори. Градоначалникот смета дека со овој случај се води политичка хајка против него.
– Не се точни тврдењата. Ова е политичка хајка од МОСТ И СДСМ Кавадарци. Да ти истоварат 20-30 роми и да те принудат да бегаш од општината. Ете тоа се случуваше. Не сум давал помош во кампања бидејќи сум правник и сум свесен дека во кампања не се дава помош, а секогаш пред тоа сум ПОМАГАЛ, изјави по рочиштето Панов.
Сведоците и пред судот денеска потврдија дека парите им биле дадени, како што им рекол градоначалникот, да им помогне, за да и тие помогнат на изборите.
– Градоначалникот ми даде пари да гласам за ВМРО-ДПМНЕ. Јас не сум од ниедна политичка партија. Ми рекоа да се потпишам на едно обично ливче, изјави сведокот Сали Мемедов.
По сослушувањето на обвинетиот и сведоците судијата д-р Лазар Нанев ја најави одлуката за во петок во 11 часот./У.Ј