Родот на грозје значително намален, цените не пораснаа
Поради временските неприлики, родот на грозје годинава во Тиквешијата е намален за околу седумдесет проценти, оценуваат стручњаците и според нив родот ќе тежи околу 60 милиони килограми за разлика од минатата година кога се набраа преку 200 милиони.
„Грозјето од годинешната реколта ќе биде целосно откупено од винарските визби, а исплатата за откупеното грозје ќе се реализира според законските одредби и прописи. Државниот инспекторат за земјоделство ги зајакнува контролите на откупните пунктови на грозје, се со цел да нема манипулации со откупните цени. Годинава поради лошите временски услови односно поради измрзнувањето на лозјата, се очекуваат намалени количини на произведено и на откупено грозје. Свесни сме за лошата состојба во лозарството и винарството поради климатските промени кои значително влијаат врз родот, но и за битката на винарските визби во освојувањето на пазарите со конкурентни цени и висок квалитет. Како нова Влада, сериозно и посветено како и досега ја следиме состојбата на терен со откупот на грозје и навремено ќе делуваме.“ изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски во Кавадарци.
Тој најави дека владата ќе донесе одлука за дополнителна субвенција за лозарите за секој килограм грозје предаден во домашните винарии.
Од „Агротиквешија“ сметаат дека годинава производителите на грозје се соочуваат со катастрофални последици кои негативно ќе се одразат и во наредниот период.
„Немаме некои особени забелешки при самиот откуп на грозјето од годинешнава реколта. Бидејќи, помеѓу самите винарски визби постојат трки за грозје. Претставници на винарници повикуваат лозари кои со трактори полни грозје се движат по улици, да го однесат родот токму кај нив“ рече Аризанов.
Тој забележува што и покрај значително намалениот род на грозје цените се ниски.
„На овој намален род мислам дека цената требаше да скокне барем за два до три денари за килограм. Иако баравме такво нешто, тоа не беше прифатено, нагласи Аризанов.
За прв пат годинава лозарите се порелаксирани за време на гроздоберот, за разлика од минатите години кога се соочуваа со нервози околу тоа каде да го продадат грозјето и како да ги наплатат парите.
Aнгел Данов