Китев вети гасификација, нова градинка, затворен пазар, подобра инфраструктура за Кавадарци
Напредокот на Кавадарци и подобрувањето на животот на сите граѓани на Кавадарци, отсекогаш ми биле примарна цел во мојата политичка кариера. Вака денеска кандидатот за градоначалник на СДСМ за Кавадарци, Бетиан Китев ја започна прес конференцијата на која презентираше дел од изборната програма.
Нагласи дека е целосно подготвен да даде сопствен придонес за подобар живот во Кавадарци. Верува дека со напорна и посветена работа со искрени и некорумпирани луѓе на чело на општината Кавадарци може да стане еден од најразвиените градови во Македонија.
„На нашиот град му се потребни промени. На Кавадарци му треба подобра инфраструктура, посредени улици и патишта, нови градинки, спортски терени, гасифиикација; На граѓаните на Кавадарци им е неопходен чист воздух; За младите мора да отвориме нови можности и повисоки плати со цел да не ни заминуваат во странство , И секако на сите граѓани им е потребна отворена и услужна општина“ рече Китев и најави дека како еден од главните приоритети во програмата е гасификација на Кавадарци, проект кој ќе го реализира во соработка со централната власт. Китев е дециден, со овој проект граѓаните и фирмите ќе плаќаат поефтини сметки за електрична енергија и до 50%.
„Ќе изградиме затворен пазар со подземен паркинг простор. Пазарџиите и граѓаните повеќе нема да мрзнат зимно време на отворено. Во Кавадарци ќе изградиме нова детска градинка! Родителите повеќе нема да имаат грижи каде би биле згрижени нивните деца додека тие се на работа. Целосно ќе ги реконструираме главните улиците и булевари во Кавадарци, и ќе го замениме асфалтот на сите оштетени улици во градот. Исто така, планираме и изградба на три нови кружни текови. Планираме да го комплетираме колекторскиот систем на реката Луда мара до селото Марена“ рече Китев и ги повика кавадарчани да се приклучат на неговиот тим , за како што рече, враќање на животот во Кавадарци./A.Д