Китев: Кавадарци ќе добие многу подобри улици
“Кавадарци заслужува многу подобра патна инфраструктура. Изминативе 8 години, многу малку се инвестираше во подобрување на состојбата на патиштата во Кавадарци. Моментално состојбата со улиците и булеварите во Кавадарци е катастрофална. Некои улици се целосно раскопани и непроодни“ обвини на прес конференција кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата за Кавадарци, Бетиане Китев.
Тој нагласи дека кавадарчани возејќи по такви улици ги оштетувале своите возила, но била загрозена и безбедноста во сообраќајот. Како најочигледен пример го потенцира „Северен булевар“, кој е целосно уништен и при поројни врнежи е непрооден.
„Покрај реконструкцијата на влезовите, планираме и замена на асфалтот на главните улици во градот, но и периферијата, кој поради забот на времето е значително оштетен. Сметаме дека со овој зафат значително би се подобрила патната инфраструктура во Кавадарци и би се олеснило движењето на возилата. Кавадарци како индустриски град заслужува и мора да има подобро средени улици и патишта. Планираме и изградба на три нови кружни текови. Со изградбата на овие три нови кружни текови би се постигнала подобра регулација на сообраќајот во градот, но и значително би се подобрила безбедноста.Во нашата програма имаме предвидено и реконструкција на уште многу улици, како во градот, така и по селата. Само со квалитетна инфраструктура може да имаме квалитетен живот во нашиот град“ рече Китев./А.Д