Китев: Во недела да гласаме за промени! Да гласаме за живот за сите во Кавадарци!
„Напредокот на Кавадарци и подобрувањето на животот на граѓаните на Кавадарци отсекогаш ми биле примарна цел во мојата политичка кариера. Како советник во општина Кавадарци и особено како пратеник во Собранието на Република Македонија, секогаш со искрена желба и со сите сили се борев за Кавадарци и за Кавадарчани“ рече меѓу другото на денешната прес конференција, кандидадтот за градоначалник на Кавадарци од СДСМ, Бетиане Китев.
Тој нагласи дека со цел да придонесе за подобар живот во Кавадарци ја прифатил кандидатурата за градоначалник.
„ Силно верувам дека Кавадарци, со напорна и посветена работа, но и со искрени и некорумпирани луѓе на чело на општината, може да стане еден од најразвиените градови во Македонија. Мојата визија е Кавадарци да стане модерен европски град, со одлична инфраструктура, со чист воздух и здрава животна средина, урбано целосно уреден, привлечен за туристите, и економски силно развиен, каде секој граѓанин ќе може достоинствено да живее. Со сите сили ќе се борам општина Кавадарци да стане лидер во транспарентност, отчетност и ефикасност на администрацијата. Општината и претпријатијата ќе бидат вистински сервис на граѓаните“ нагласи Китев и порача дека било време Кавадарци да го добие сјајот кој го заслужува, и од политички, но пред се од економски и социјален аспект
Граѓаните на Кавадарци, рече Китев, заслужуваат да имаат многу повисок животен стандард, посредени улици, поубави паркови, нови градинки, нови спортски терени и почист воздух.. Повика во недела кавадарчани да гласаат за број 19 и за градоначалник и за советничката листа на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија и коалицијата.